Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Полската опозиција почнува коалициски разговори откако владејачката партија го загуби мнозинството

 Полските опозициски партии предводени од Граѓанската коалиција (КО) на Доналд Туск денеска почнаа со подготовки за коалициски разговори, откако официјалните резултати од изборите во неделата покажаа дека освоиле доволно места за да ја соборат владејачката националистичка партија Право и правда (ПиС).

Новата влада предводена од про-ЕУ центристи ќе означи масовна промена во Полска по осум години конфликт меѓу ПиС и Брисел околу демократските стандарди, слободата на медиумите, правата на малцинствата и миграцијата, оценуваат американски медиуми.

„Во наредните денови, откако ќе бидат објавени (конечните) резултати, ќе разговараме“, рече Владислав Косињак-Камиш, лидер на централнодесничарскиот Трет пат, кој заедно со Новата левица се очекува да се приклучи на КО коалицијата.

Изборната комисијаденеска потврди дека ПиС остана најголемата партија во долниот дом на парламентот, односно во Сејмот, откако освои 35,38 отсто од гласовите. Тоа им обезбедува околу 190 пратенички места од вкупно 460. КО на Туск освои 30,70 отсто од гласовите. Третиот пат го зазеде третото место со 14,40 проценти, а Новата левица имаше 8,61 отсто, соопшти Комисијата. Екстремно десничарската Конфедерација освои 7,16 отсто од гласовите.

КО, Третиот пат и Новата левица, заедно, ќе имаат околу 250 места, сугерираат резултатите, доволно за да формираат стабилна коалициска влада.

Сепак, тоа веројатно нема веднаш да се случи со оглед дека претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, пред гласањето рече дека ќе го даде првиот мандат за формирање влада на групата или партијата што освоила најмногу гласови. Но, засега ниту една партија не покажува подготвеност да се приклучи на владата предводена од ПиС на Јарослав Качински, што веројатно тешко дека ќе може да обезбеди трет мандат на чело на најголемата источна земја-членка на Европската Унија.

Излезноста на изборите во неделата надмина 74 отсто, највисока во Полска од колапсот на комунизмот во 1989 година, откако партиите за првпат успеаја да поттикнат голем број, особено, помлади гласачи, да излезат на избирачките места.

Зачлени се на нашиот е-билтен