Полскиот и унгарскиот министер за надворешни работи се караат на X: Ја споменаа и Хрватска

Конфликтот започна откако Сикорски рече дека Полска не гарантира дека Путин нема да биде уапсен ако прелета над полскиот воздушен простор.

На соцојалната мрежа X, избувна жестока дебата помеѓу полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и неговиот унгарски колега Петер Сијарто, во која разменија меѓусебни обвинувања за Русија, енергетиката и судската независност, а во еден момент беше спомената и Хрватска.

Сикорски: Полска не може да гарантира дека нема да го притвори Путин

Конфликтот започна откако Сикорски рече дека Полска не може да гарантира дека Владимир Путин нема да биде уапсен ако рускиот претседател прелета над полскиот воздушен простор.

„Не можеме да гарантираме дека независен суд нема да ѝ наложи на полската влада да го притвори авионот што го превезуваше Владимир Путин ако влезе во нашиот воздушен простор, со цел да го екстрадира осомничениот во Меѓународниот кривичен суд“, објави Сикорски.

Сијарто: Дали тоа е судот што не го екстрадираше терористот што го разнесе Северен тек?

На таа изјава реагираше унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој иронично праша дали коментарот на Сикорски се однесува на истиот суд кој, како што тврди, одбил да екстрадира лице поврзано со експлозијата на гасоводот Северен тек 2.

„Дали Сикорски зборува за независен суд кој, по налог на Доналд Туск, одбил да го екстрадира терористот што го дигна во воздух гасоводот Северен тек 2?“, напиша Сијарто на X.

Сикорски: Горд сум на полскиот суд и се надевам дека Унгарците ќе добијат нафта преку Хрватска

Сикорски набрзо му одговори: „Петер, горд сум на полскиот суд кој пресуди дека саботирањето на напаѓачите не е кривично дело. Покрај тоа, се надевам дека вашиот храбар сонародник, мајор Маѓар (украински командант задолжен за напади со беспилотни летала оп.а.), ќе успее да го онеспособи нафтоводот што ја храни воената машина на Путин – и дека во иднина ќе добивате нафта преку Хрватска.“

Дебатата откри подлабок конфликт меѓу Варшава и Будимпешта

Спорот меѓу двајцата министри го одразува растечкиот јаз меѓу Полска и Унгарија околу нивниот однос со Русија. Варшава е меѓу најцврстите застапници за поддршка на Украина и спроведување на налогот на Меѓународниот кривичен суд против Путин, додека Будимпешта продолжува да одржува блиски енергетски врски со Москва.

Унгарија, потсетува агенцијата, сè уште го добива поголемиот дел од својата нафта преку рускиот нафтовод „Дружба“, додека Полска ја повикува Европската унија целосно да престане да увезува руска нафта до 2026 година.

Хрватска спомената во енергетскиот контекст

Пораката на Сикорски за можноста Унгарија „да добива нафта преку Хрватска“ се однесува на Јадранскиот нафтовод, кој може да ја замени руската нафта со испораки преку терминалот во Омишљ. Тензиите меѓу Хрватска и Унгарија неодамна повторно избувнаа поради висината на надоместокот за транспорт на нафта, но таа рута остана клучна алтернатива на руската насока на снабдување.

Конфликтот меѓу двајцата министри покажува колку се длабоки разликите во пристапот кон Москва и војната во Украина во рамките на самата Европска Унија, но и колку брзо дипломатските спорови меѓу соседите можат да се претворат во отворен јавен спор.

Извор: Index Vijesti

Зачлени се на нашиот е-билтен