Денес, 5 април 2023 (среда), од 10 до 22 ч. во галеријата „Остен“ се изложени 88 артефакти на Пабло Пикасо насловена „Пикасо од колекцијата на Остен Музејот Скопје – керамики, цртежи и графики“.
Изложбата е по повод 50-годишнината од смртта на славниот уметник (1881-1973), и има куриозитетен формат – трае само денеска, а формалното отворање е во 19 часот.

Меѓу останатите цртежи од колекцијата на „Остен“ Музејот изложен е и маркантниот цртеж „Портрет“ (1969 година) реализиран со техника молив во боја, објавен на првата страница од книгата „Постерите на Пикасо“, посветен, потпишан и датиран ‘Para Felix Pita, Picasso, el 11.6.69’, 35,6 x 26,7 см, кој ја добил наградата „Светско културно наследство на ОСТЕН БИЕНАЛЕ на цртеж Скопје 2010“.

Сопственикот на „Остен“, ликовниот уметник, карикатурист и галерист Мице Јанкуловски, вели дека раритетноста на оваа еднодневна изложба е условена од немањето услови за подолготрајна поставка на артефактите кои се дел од колекцијата на „Остен“. Но, во тек е реновирање на другиот дел од Галеријата, и планот на Јанкуловски Пикасо да добие постојана поставка во неговата галерија ќе биде реализиран во догледно време.
Јанкуловски почнал да ја создава неговата лична колекција со артефакти на Пабло Пикасо уште во далечната 1972 година, купувајќи ги неговите цртежи, графики и керамички дела на продажните сесии на аукциските куќи „Кристи“, „Сотби“… Тој посочува дека посетителите на оваа еднодневна изложба можат да видат и 37 керамички артефакти на Пикасо.
(Фото: Ангел Ангеловски)
-Сите овие керамички дела Пикасо ги насликал користејќи ги материјалите на познатата керамичка фабрика „Мадура“ од југот на Шпанија, и обично неговиот потпис е на дното од фигурите. И 90 отсто од керамичките дела на Пикасо во целото негово творештво потекнува од „Мадура“, посочува колекционерот на делата на Пикасо.
Јанкуловски вели дека идејата е да стигнат до бројката од 80 керамички артефакти во авторство на Пикасо, и на тој начин да ја оформат постојаната колекција посветена на 80-те години живот на славниот уметник.
Современиот формат на аукции на интернет ја олеснува нашата мисија, бидејќи не мора да сте физички присутен на нив. Се надевам дека ќе стигнеме до таа симболична бројка, и тие керамики со потпис на Пикасо би биле дел од музејот и галеријата „Остен“, вели Јанкуловски.