Инвеститорите во паника: Златото паѓа, доларот расте

Според податоците од њујоршката берза Comex, од четврток, цената на априлските фјучерси за злато падна за 17,4 проценти, достигнувајќи вредност од 4.423,2 долари за три унци

По силниот пад што се случи на крајот од минатата недела, цената на златото на светските берзи достигна највисоко ниво на нестабилност од времето на глобалната финансиска криза во 2008 година. Според анализите, ваквите нагли осцилации ја направија вредноста на златото понестабилна дури и од криптовалутата биткоин, која традиционално важи за еден од најризичните финансиски инструменти.

Остриот пад на цената започна во четврток, 29 јануари, а како главни причини се наведуваат зголемениот шпекулативен интерес на трговците за американскиот долар, како и најавите и плановите на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со именувањето на нов претседател на Федералните резерви, објави агенцијата Блумберг. Овие фактори создадоа неизвесност кај инвеститорите и предизвикаа нагло повлекување на капиталот од пазарот на благородни метали.

По првичниот пад, дополнителен притисок врз цената на златото беше создаден кога голем број инвеститори започнаа да ги затвораат своите позиции, со цел да ги минимизираат загубите. Овој процес доведе до уште побрзо намалување на вредноста на златото, кое традиционално се смета за „сигурно прибежиште“ во време на економска нестабилност.

Според податоците од њујоршката берза Comex, од четврток наваму, цената на априлските фјучерси за злато паднала за 17,4 проценти, достигнувајќи ниво од 4.423,2 долари за три унци. Ова претставува еден од најголемите краткорочни падови во последните децении.

Негативниот тренд не го одмина ниту среброто. Цената на овој метал забележа уште подрастичен пад од 37,78 проценти, спуштајќи се на 71,2 долари за три унци. Аналитичарите предупредуваат дека ваквата нестабилност може да продолжи и во наредниот период, особено доколку неизвесноста околу американската монетарна политика и движењата на доларот продолжат да влијаат врз глобалните финансиски пазари.

Зачлени се на нашиот е-билтен