Патувањето кон Грција попладнево повторно влегува во режим на прекини поради најавени блокади од грчките земјоделци на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).
Според најавата, на Евзони ќе има целосен прекин за сите возила, освен за итни случаи, од 17:00 до 21:00 часот по македонско време (18:00–22:00 по грчко). На Ники, сообраќајот за камиони ќе биде во прекин шест часа, почнувајќи од 17:00 по наше време, додека за патнички автомобили блокадата е најавена во периодот 19:00–21:00.
АМСМ утринава информираше дека на граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, но блокадите на грчка страна можат брзо да ја сменат состојбата на терен, особено во шпиц-термините.
Во најавите се посочува дека од утре блокадите би можеле да бидат „олабавени“ поради божиќните и новогодишните празници, но засега препораката за патниците е да го планираат патувањето надвор од наведените интервали и да следат тековни известувања.