Центарот за управување со кризи излезе со најнови информации за состојбата со обилните врнежи на територијата на Македонија со пресек на состојбите до 09:00 часот утрово
Демир Хисар
Поради оштетување на мост на Боишка Река на локалниот пат кон с. Мренога, сообраќајот е затворен. ЈП „Комуналец“ интервенира во нас. Мургашево со проширување на речното корито. Пријавено е излевање на реката кај с. Обедник и меѓу селата Обедник и Смилево. За состојбата постапуваат РЦУК и ЕЛС Демир Хисар.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, дворови, куќи и магацини. Нивото на Голема Река е зголемено. ЈП и ЕЛС Ресен интервенираат со пумпи и градежна механизација за исцрпување и расчистување. ТППЕ Ресен учествува во испумпување на вода од подруми.
Крушево
Водата за пиење е заматена и се препорачува превривање. Реката Црна е со зголемено, но стабилно ниво. ЈП „Комуна“ ги зајакнува насипите. Се следи состојбата на Крушевска Река во координација со Општина Кривогаштани.
Долнени
Во с. Лажани пријавена е штета на двор и приземни простории. Во с. Пешталево има поплави поради неисчистени канали. Интервенирано е со градежна механизација.
Охрид
Излеана е реката Сушица на повеќе локации со поплавени дворови и подруми. Кризниот штаб и ЈП Охридски Комуналец интервенираат со механизација, насипување и проширување на коритото. Кај с. Вапила реката Далјан го оштетува патот под мостот и се врши заштита со механизација. Евидентирано е и свлечиште кај Лескоец – Скребатно.
Струга
Поплавени се дворови и куќи во Мислешевски пат, с. Мислешево и с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а е ангажирана и градежна механизација. Општина Струга е известена за состојбата.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво. Патните правци се проодни. Се расчистуваат помали одрони од страна на надлежните служби.
Кичево
Реките Зајашка и Треска имаат зголемени водостои, но се под нивото на излевање. Критична е улица Прилепска. Се расчистуваат канали и коритото на Зајашка Река со градежна и тешка механизација. Околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде се згрижени од Општината и ЦК Кичево.
Гостивар / Тетово
На патот Тумчевиште – Чегране има вода на коловозот и патот е небезбеден. Известени се ПС Гостивар, ПС Чегране и Општина Гостивар.
Останати региони
Состојбата е стабилна со зголемени водостои, но без излевања и нарушувања.