Подрачјето на белгискиот град Лиеж е погодено од поплави предизвикани од обилните дождови кои веќе предизвикаа штети во Франција.
На подрачјето на тој град досега се евидентирани околу 550 интервенции, а гувернерот Ерве Џамар мобилизирал 150 пожарникари во борбата против последиците од елементарната непогода.
„Ова се главно интервенции за испумпување вода кои продолжија денеска изутрината“, соопшти канцеларијата на гувернерот на погодената провинција.
Службите за итни случаи соопштија дека нивото на водата почнало да се намалува.
Од другата страна на границата, во холандската провинција Лимбург, два кампа се евакуирани поради опасност од поплави.
Во францускиот департман Мозел, на североистокот, денеска во раните утрински часови беше објавена тревога поради опасност од поплави.