Делови од Кичево од вчера се под вода по повеќедневните силни дождови, а излевања на водотеци има и во други делови на западна и североисточна Македонија. Најкритично е во населбата Прилепска, каде што локални телевизии јавуваат дека поради надојдени води околу 220 жители биле евакуирани во спортската сала „Христо Узунов“ во Иванидол.
Според информациите од Центарот за управување со кризи за охридско-кичевскиот регион, по излевањето на Зајашка Река се поплавени повеќе куќи и дворови, а во текот на денот дополнително биле пријавени уште околу 30 зафатени семејни домови. Пријавени се евакуации на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Локалната Територијална противпожарна единица Кичево, според објавените информации, извршила над 250 евакуации и паралелно испумпувала вода од витални објекти и институции, додека се расчистувал и автопатот кај Колари за поголема безбедност во сообраќајот. Една од евакуираните жителки за ТВ Ускана изјавила дека во куќите има „над ден ипол метар“ вода и дека семејствата останале на улица.
Проблеми се пријавуваат и во населбата Подварош, на улица 29 Ноември, каде што се поплавени подруми во повеќе куќи, како и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвен крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Надвор од Кичево, во североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае се поплавени земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, а поплавени ниви има и кај селото Оризаре. Во Куманово, кај мостот на Кумановска Река (локација Шупли Камен, село Доброшане) се насобрани пластични шишиња, но засега не се наведува непосредна опасност од излевање. Во скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата се следи, додека во Општина Зелениково е евидентирано минимално излевање на река Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека дејствува во координација со населението и локалните сили по пријавите пристигнати на 112, а интервенции се наведуваат и во повеќе општини и региони, меѓу кои Сарај, Куманово, Липково, Тетово, Маврово и Ростуше, Кичево и Охрид. Во тетовскиот регион се пријавуваат проблеми со одводните канали и свлечишта на правецот Тетово–Џепчиште, а на делницата Тетово–Попова Шапка беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси. Во гостиварскиот регион се пријавуваат поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше, како и интервенција за извлекување лица од поплавен објект во село Беловиште.
Во меѓувреме, Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека река Треска и Вардар денес и утре ќе бидат со повисоки водостои поради нови прогнозирани врнежи. Според УХМР, високиот водостој во горниот дел од течението ќе остане, а се очекува и раст на Вардар во средниот дел, поради што останува опасност од излевање. УХМР апелира на внимателно движење покрај реките и суводолиците и предупредува дека времените мостови на Треска се во ризик поради големите води и нивната брзина.