Искусниот аналитичар Љупчо Поповски, во својата најнова колумна на Дојче Веле на македонски ја анализира актуелната тема кај нас, односот на новата власт кон научниците историчари, претставниците на Северна Македонија во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовани прашања.
Поповски вели дека „она што е помалку чудо, а повеќе еден вид научна трагедија, е како политиката ја почна и ја продолжува пресметката со науката. Онаа што ја претставуваше македонската држава во историската комисија со Бугарија“.
„Целата ситуација е дијаболична. Вообичаено во светот научниците (политички или економски) ја сецираат работата на политичарите кои добиле мандат да ги водат државите“, укажаува Поповски.
Поповски потсетува на една мисла на Ричард Никсон што овој му ја кажал на Хенри Кисинџер: „Никогаш не заборавај, печатот е непријател. Естаблишментот е непријател; професорите се непријатели. Професорите се непријатели. Напиши го тоа на табла 100 пати и никогаш не заборавај го“.
Според Љупчо Поповски, „новата власт во Македонија не прогласи џихад кон некои од македонските историчари во комисијата, но кампањата што против нив се води барем две години, личи на систем на прогонство, во кое науката треба да се прогласи за непријател на нацијата“.
Подготвувајќи ја јавноста за смена на некои членови на комисијата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бил разочаран од некои од македонските историчари во комисијата затоа што не биле заштитници на „националните интереси на македонскиот народ“, а претседавачот Драги Ѓоргиев го омаловажи велејќи дека „коленичел пред министерски и премиерски кабинети“.
Поповски во својата колумна вели дека „политиката ја навреди науката и ги определи рамките во коишто таа треба да работи и да размислува. Како во советско време – темата е зададена и науката треба да работи да ги задоволи желбите на политичарите, кои, пак, мислат дека нивните ставови и размисли ја претставуваат целата јавност, народот, па и историските факти“.
Академик Ѓоргиев во интервјуто за БИРН оваа изјава на премиерот ја оцени од научен дискурс: „Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа, таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам, затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат“.
Но, тоа не стигна до ушите на политичарите, според Поповски.
Додека трае потрагата по нови членови на историската комисија со Бугарија, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, побрза да го ископира премиерот, велејќи дека и тој бил „разочаран“.
Поповски предупредува дека „проблемот со неможноста историската комисија да продуцира резултати нема да се реши со промена на дел од македонските историчари во неа. Новите кадри што ќе влезат ќе имаат ѓаволска работа да им угодат на политичарите (на овие што сега се на власт) и да ги ‘штитат националните интереси’. Дали поради тоа ќе се откажат од штитење на нивното академско знаење е интересно прашање“.
Членот на комисијата, Петар Тодоров, во интервју за порталот „Рацин“ изјави дека „комисијата може да продолжи да работи само доколку владите во Скопје и Софија официјално се обратат до УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ чии експерти ќе помогнат во усогласување на методологија на работа која на Комисијата ќе ѝ овозможи да работи врз основа на јасни научни и академски принципи“. Тоа во овој момент изгледа како невозможна работа. Бугарските историчари ќе ги штитат националните интереси на својата земја, македонските историчари ќе ги штитат националните интереси на македонскиот народ. На чија штета за иднината ќе биде ваквиот ќор-сокак не е тешко да се погоди.
Најдобрата работа што може сегашнава власт да ја направи околу новиот состав на комисијата е да ги остави да се занимаваат со науката, а не со националните интереси, пишува Поповски. Наместо да се разочарува и да им дава совети на докажаните историчари Тимчо Муцунски треба да ја ангажира дипломатијата за преку УНЕСКО да се ангажираат странски експерти да помогнат да се усогласи методологија на работата на комисијата. Таков предлог имаше од Германија, но Софија го одби.
Поповски препорачува дека „тоа е еден од можните модели на кои треба да работи министерот или премиерот, а не да се разочаруваат од историчарите кои не ги штителе националните интереси. Затоа што на одреден начин одзвонува и ќе одзвонува советот на Никсон: „Професорите се непријатели“.
Целата анализа на Љупчо Поповски прочитајте на на овој линк.