Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Поповски: ЗЕЛС да создава принципелна позиција за општините

Во статутот на ЗЕЛС е наведено дека општините се здружуваат доброволно и на рамноправна основа заради заштита и унапредување на заедничките интереси. По однос на дотациите на државата за општините, други финансиски трансфери и инвестициски програми на органи на државната управа кои се однесуваат на општинските установи или се проектно засновани, има разлики во начинот на кој се распределуваат средствата и инвестициите, вели за Рацин.мк Тони Поповски, дипломиран инженер архитект и магистер на политички науки, а беше и прв министер за животна средина и просторно планирање.

Како што појаснува Поповски кој има и 27-годишно професионално искуство и силна експертиза во анализи и формулирање на јавни политики со фокус на добро управување и вклучување на засегнатите страни, реформа на субнационални власти и испорака на јавни услуги, децентрализација, регионален и рурален развој, заштита на животната средина, и просторно и урбанистичко планирање, на дел од општините како блок дотациите за училиштата во основното и средното образование, детските градинки и општинските установи од областа на културата, потоа општата дотација од ДДВ им се распределуваат согласно донесени Уредби во кои се содржани формули за распределба.

-Овие уредби се предмет на редовна консултација со ЗЕЛС, а врз основа на одредби од Законот за финансирање на општините, и нив ги носи Владата. За разлика од дотациите, капиталните трансфери и инвестициските програми на министерствата најчесто се распределуваат по пат на јавни повици или директен анкетен увид во потребите на општините и нивните установи но одлучувањето е сепак дискреционо, и покрај тоа што се развиваат критериуми и начин на бодирање, конечната одлука се носи на предлог на комисии кои ги оформуваат надлежните министри. Од аспект на објективност во одлучувањето и фер дистрибуција на средствата, препорачливо е и тие средства да се распределуваат врз основа на Уредба со пропишани критериуми и утврдена формула за распределба. Во таков случај би се зголемила предвидливоста на овие трансфери за општините и практично би се уредило, сите општини во текот на годината или во одреден временски интервал и зависно од расположивите средства да бидат корисници на тие средства, појаснува Поповски.

Според него, по однос на власта, коментирајќи ги одлуките за напуштање на ЗЕЛС, во Законот за локалната самоуправа, во член 88 е уредено дека на општините им се гарантира судска заштита пред надлежните судови во однос на актите и на активностите на органите на државната управа и на Владата со кои се попречува вршењето на надлежностите на општините утврдени со закон.

-Притоа треба да се докаже дека недавањето поддршка на одредена општина го попречува вршењето на со закон утврдените надлежности на општината. По однос на ЗЕЛС, односите помеѓу членките на ЗЕЛС се уредуваат со Статутот на организацијата. Било какви недоразбирање може и треба да се разрешуваат согласно одредбите на статутот и низ Управниот и Надзорниот Одбор, и Генералното Собрание на ЗЕЛС. Во статутот на ЗЕЛС е наведено и дека за прашања кои не се регулирани со Статутот се применуваат одреедбите од Законот за здруженија на граѓани и фондации, вели Поповски.

Тој додава дека напуштање на ЗЕЛС од страна на една или повеќе општини, само по себе е драстична одлука и би можела да биде оправдана само доколку се исцрпат сите можности и искористат сите механизми кои се утврдени со Статутот на ЗЕЛС.

Како што додава во статутот на ЗЕЛС, во член 10 е уреден начинот на престанување на членство во здружението и меѓуостанатото е наведено дека тоа може да се случи со Одлука на Советот на општината, заради пасивност во период подолг од една година или неплаќање годишна членарина во тек на две последователни години.

-И во минатото ЗЕЛС се соочувал со најави за напуштање на здружението од страна на различни општини, но тоа се нема случено бидејќи организацијата наоѓала соодветни решенија за тие предизвици. Треба да се има во предвид дека во ЗЕЛС секогаш членуваат општини чии градоначалници се од различна партиска провиниенција и со различна етничка припадност и дека суштината на постоењето на ова здружение е поврзана со формулирање и бранење на заедничките интереси. Во таа смисла и потребата, ЗЕЛС да создава принципелна позиција и да гради заеднички ставови за сите релевантни прашања вклучувајќи ја и соработката со централната власт и да делува на надпартиски начин, во интерес на сите општини и етнички заедници. Поделби по партиска или етничка линија се целосно непродуктивни и не се во полза на јакнење на системот на локалната самоуправа и на општините, ниту пак на граѓаните како директни корисници на општинските услуги, вели Поповски.

Зачлени се на нашиот е-билтен