Поради здравствен проблем НАСА евакуира екипаж од Меѓународната вселенска станица

Четворица астронаути предвреме ја напуштија Меѓународната вселенска станица поради здравствен проблем кај еден член на екипажот, соопшти Националната американска вселенска агенција НАСА. Станува збор за прва медицинска евакуација од ИСС во историјата на агенцијата.

Во капсулата што се врати на Земјата се наоѓаат астронаутите Зејна Кардман и Мајк Финке од НАСА, јапонскиот астронаут Јуи Кимија и рускиот космонаут Олег Платонов. За Финке ова беше четврта мисија на Меѓународната вселенска станица, за Јуи втора, додека Кардман и Платонов првпат престојуваа на ИСС.

НАСА одби да го открие идентитетот на астронаутот на кој му е потребна медицинска нега, како и причината за здравствениот проблем. Единствено беше соопштено дека астронаутот е во стабилна состојба, безбеден и под постојан медицински надзор.

Екипажот беше лансиран во август минатата година и првично беше планирано да остане во вселенската станица до крајот на февруари. Сепак, на 7 јануари НАСА ненадејно ја откажа планираната вселенска прошетка, а кратко потоа го најави и предвременото враќање на астронаутите, што дополнително ги засили шпекулациите за здравствената состојба на еден од членовите на екипажот.

Од НАСА информираа дека слетувањето ќе се одвива според стандардните безбедносни процедури, со присуство на медицински тимови и спасувачки бродови кои ќе ги преземат астронаутите по спуштањето во океанот. Засега не е познато колку брзо тие ќе бидат пренесени од Калифорнија во Хјустон, каде се наоѓа Вселенскиот центар „Џонсон“ и главната база на НАСА за астронаути.

Во Меѓународната вселенска станица остануваат уште тројца астронаути – Крис Вилијамс од НАСА и руските космонаути Сергеј Михаев и Сергеј Куд-Сверчков. Тие пристигнаа во ноември со ракетата „Сојуз“ лансирана од Казахстан и ќе престојуваат на ИСС осум месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен