Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Поранешниот бугарски претседател Стојанов: Во ’97 никој не ми веруваше дека Бугарија ќе биде членка за десет години, не губете верба за ЕУ

На претседателскиот панел „Западен Балкан – Културен дијалог и размена“ во рамки на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 учествуваа и поранешните претседатели на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Република Србија Борис Тадиќ, на Република Албанија Бамир Топи и поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ

Аспирациите на шесте земји од Западен Балкан за членство во ЕУ денес, според поранешниот претседател на Република Бугарија, Петар Стојанов може да се опишат како приказна меѓу две војни и верува дека војната во Украина е трагедија, но оваа трагедија може да се трансформира во можност, што треба да се искористи.

Стојанов, своето обраќање на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 заедно со поранешните претседатели од регионот го искористи да упати порака дека не треба да губиме верба дека ќе бидеме земја членка на ЕУ, бидејќи и во 1997 година кога тој станал претседател никој не му верувал кога рекол дека за десет години Бугарија треба и ќе биде во Европската Унија.

-Десет години подоцна Бугарија се приклучи на ЕУ и најчестото прашање од моите луѓе беше кога ќе завршат реформите. Мојот одговор беше никогаш, бидејќи и по членството во ЕУ ние моравме да продолжиме со реформите, практично во секоја сфера. За да бидете компетитивни, практично мора да се реформирате секој ден. Затоа, сакам да кажам дека во Македонија, не треба да губите верба дека Македонија ќе биде членка на ЕУ. Тоа е сигурно. Сите веруваме во тоа, изјави Стојанов.

Меѓукултурниот дијалог е важен за сите земји, нагласи Стојанов, особено за Балканот, бидејќи како што подразбира самиот проект на ЕУ, треба да се има национален идентитет, но истовремено и да се имаат заеднички цели и перспективи да се живее заедно во рамки на ЕУ и да не се дозволи конфликтите и сенките од минатото да надвладеат.

-Аспирациите на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија и Албанија, за членство во ЕУ денеска може да се опишат како приказна меѓу две војни, бидејќи нивните напори за членство се во периодот меѓу единствените две војни на територијата на Европа по Втората светска војна. Војната во Југославија и актуелната војна во Украина, изјави Стојанов.

Овој процес, иако со свои подеми и падови, според Стојанов се водеше на предвидлив начин – земјите кандидати никогаш не се откажуваат од желбата за членство во ЕУ, а од своја страна Брисел секогаш ја потврдува својата подготвеност за нивно членство, по исполнување на критериумите.

-Ова беше ситуацијата пред војната во Украина, која ја промени геополитичката ситуација и вниманието на Брисел од југоисток се префрли на североистокот на Европа. Тоа е многу важно да се нагласи. Војната во Украина е трагедија, но оваа трагедија може да се трансформира во можност, да го забрза процесот на неповратно унифицирање на Европа од југоисток, до североисток. Треба да ја искористиме оваа можност. Ова е најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес и верувам дека ќе го надминеме и им посакувам се најдобро на Македонија и Албанија во овој процес, за исполнување на критериумите и членство во ЕУ, изјави Стојанов.

На претседателскиот панел „Западен Балкан – Културен дијалог и размена“ во рамки на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 учествуваа и поранешните претседатели на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Република Србија Борис Тадиќ, на Република Албанија Бамир Топи и поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Поранешниот претседател на Република Србија, Борис Тадиќ, нагласи дека само интегрирана Европа може да биде компетитивна на глобалниот пазар и дека не гледа друго решение, посочувајќи дека во спротивно Европската Унија ќе биде во многу тешка ситуација во поглед на Кина, САД и можеби Русија и Индија како глобални сили.

-Ако не можеме да ги разбереме другите луѓе, останатите културни аспекти и идентитети, нема да можеме да предвидиме што ќе биде со нашиот заеднички свет. Навистина се надевам дека еден ден нашите земји, не само Хрватска, Словенија и Бугарија ќе бидат дел од ЕУ. Зборувам за Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија, што е мекиот дел од европската безбедност. Во спротивно не сум сигурен дека Европа ќе биде безбедна и доволно силна да се справи со предизвиците во иднината. Само интегрирана Европа ќе биде способна да биде глобално компетитивна во економски, политички и сите аспекти во развојот на новата технологија во следните десет години, изјави Тадиќ.

Според поранешниот претседател на Република Албанија, Бамир Топи, културниот дијалог може да ги направи политичките договори полесни и нашите земји и општества се одлучни да бидат партнери во рамки на европското семејство, каде големите одлуки се носат врз култура на дијалог и разбирање.

Поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, верува дека Босна и Херцеговина е еден од последните успешни случаи на меѓународна интервенција, нагласувајќи дека меѓународната соработка и меѓусебното разбирање се еден од основните предуслови за нормално функционирање на регионот.

-Ако ја споредите БиХ денес со таа пред 25 години, ситуацијата е сосема различна. Не е перфектна, но е стабилна. Дали можеме да најдеме подобар таков пример низ светот. Јас не гледам. Објаснувањето за тоа е дека целата меѓународна заедница беше обединета. Тоа е последен пример каде Русија, САД и ЕУ беа заедно. Ова единство на меѓународната заедница е особено важно за области во кои има кризи, изјави Ивановиќ.

Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 е во ко-организација на Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“, а се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир (2022-27), којшто е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија.

Главниот фокус на форумот, како што е најавено, е „Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“. Форумот е поделен на повеќе панел дискусиии и дебати, средби, разговори и посети на државни институции при што домашните и странски претставници, дипломати, уметници, професори, личности од бизнис заедницата и од младински организации ќе имаат можност да изнесат свои ставови и да разменат идеи и мислења на повеќе теми. Ова е првпат форумот да се одржува во Скопје. Претходниот форум се одржа во Берлин, а до крајот на годинава, како што е најавено, планирани се настани во Њујорк и во Брисел. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен