Поранешниот премиер на Пакистан осуден на 17 години затвор за корупција

Пакистански суд ги осуди поранешниот премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Биби на по 17 години затвор во случај на корупција поврзан со купување луксузни подароци наменети за државата по ниска цена, соопштија судот и адвокатите на Кан.

Пресудата е само најновата во низата правни проблеми за Кан, кој е зад решетки од август 2023 година и се соочува со десетици обвиненија поднесени откако беше соборен од функцијата во 2022 година, почнувајќи од поткуп до протекување државни тајни.

Кан негира какво било кривично дело во сите овие случаи, за кои неговата партија тврди дека се политички мотивирани.

„Судот ја објави пресудата без да ја сослуша одбраната и ги осуди Имран Кан и Бушра Биби на 17 години затвор со високи парични казни“, изјави за Ројтерс семејниот адвокат на Кан, Рана Мудасар Умер.

Тие беа осудени на 10 години затвор според пакистанскиот кривичен законик за кршење на довербата и дополнителни седум години според законите против корупцијата, заедно со парична казна од 16,4 милиони рупии (околу 50.000 евра) по лице, соопшти судот.

Случајот се однесува на луксузни часовници што му ги подарил на Кан саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за време на официјални посети, кои, според обвинителите, Кан и неговата сопруга потоа ги купиле од државата по значително намалена цена, кршејќи ги правилата за подароци на Пакистан.

Зачлени се на нашиот е-билтен