Поранешниот сопруг на поранешната прва дама на САД, Џил Бајден, 77-годишниот Вилијам „Бил“ Стивенсон, е обвинет за убиство од прв степен за смртта на неговата сопруга, 64-годишната Линда Стивенсон, соопштија властите во американската сојузна држава Делавер.
Според информациите од истрагата, полицијата на округот Њу Касл интервенирала на 28 декември 2025 година по пријава за семеен конфликт во домот на двојката во подрачјето на Вилмингтон, каде што Линда Стивенсон била пронајдена без знаци на свест во дневната соба. И покрај обидите за реанимација на местото на настанот, таа починала.
Стивенсон е приведен на 2 февруари 2026 година по повеќенеделна истрага што ја воделе детективи од Делаверскиот оддел за правда, а обвинението произлегува од обвинителен акт на голема порота. Судот му одредил кауција од 500.000 долари, по што тој останал во притвор, бидејќи не ја уплатил сумата.
Обдукцијата е извршена од државната форензичка служба на Делавер, а дел од медиумите наведуваат дека во моментот на објавувањето на обвинението не биле соопштени сите детали за причината и начинот на смртта.
Вилијам Стивенсон беше во брак со Џил Бајден од 1970 до 1975 година, пред таа да се омажи за Џо Бајден во 1977 година. Во американската јавност тој е познат и како основач на музичкиот клуб „Stone Balloon“ во Њуарк, Делавер, но во последните години повремено се појавуваше во медиумите со коментари за неговиот поранешен брак. Канцеларијата на Џил Бајден, според странските извештаи, не дала коментар за случајот.