Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Портпаролката на ЕУ во Косово: Русија преку пропаганда се обидува да го наруши интегративниот пат на Западен Балкан

 Портпаролката на Мисијата на Европската Унија во Косово, Јоана Лачана, вели дека Западен Балкан се соочува со дезинформации од Русија, преку кои Москва се обидува да ја попречи интеграцијата на регионот во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за платформата „Геопост“ (thegeopost.com/sq), Лачана вели дека Кремљ се обидува да шири проруски наративи во Косово и сé што е прозападно да го прикаже негативно.

Такво нешто, според неа, може да ги зголеми тензиите во регионот.

– Видовме пропаганда за меѓуетнички тензии, дека може да избие нова војна. Ова е многу опасно, може да ги зголеми тензиите. Затоа Европската Унија постојано нагласува дека дезинформациите се безбедносно прашање, вели Лачана.

Највисоките државни функционери на Косово често предупредуваат дека напорите на Русија на Балканот се шират преку „нејзиниот сателит Србија“ и дека руската држава се обидува да ги искористи тензиите меѓу Косово и Србија. Белград постојано ги демантира овие позиции, напоменува Геопост.

Лачана вели дека во моментот кога таквата руска пропаганда се шири и повторува, може да има луѓе кои ќе почнат да се чувствуваат против Западот.

– Ако се манипулира со информации, тогаш е засегнат и нашиот јавен дискурс. Западен Балкан не е исклучок. Гледаме влијание и овде, особено од Русија, која има тенденција да го попречи патот на партнерите од Западен Балкан кон интеграција во Европската Унија. Се разбира, никој не може сам да се бори со овој феномен. Мора да работиме заедно и да ги вклучиме сите, вели портпаролката на ЕУ, Лачана.

Таа ја споменува и новата стратегија на САД за борба против дезинформациите во Европа, особено на Балканот, која вклучува поддршка на демократиите, слободните медиуми и заштитата на човековите права.

Француските безбедносни агенции пред неколку месеци ја открија таканаречената мрежа „Портал нации“ од 193 онлајн страници, која шири дезинформации со цел да предизвика раздор меѓу западните општества, пишува „Геопост“.

Зачлени се на нашиот е-билтен