Холандските власти наскоро ќе забранат употреба на канабис на улиците на квартот на „Црвените фенери“ во Амстердам.
Законот ќе стапи во сила во средината на мај, со цел да се подобрат условите за живот на мештаните кои постојано се жалат на немирите предизвикани од туристи. Објектите во областа, исто така, ќе мора да затворат најдоцна до 3 часот наутро. Тамошните медиуми јавуваат дека речиси сите советници дале поддршка за новите мерки.
Градскиот совет вчера објави дека рестораните и баровите ќе мора да се затворат во 2 часот по полноќ, а на посетителите нема да им биде дозволен влез во стариот град по 1 часот.
Продажбата на алкохол во продавниците и кафулињата ќе биде забранета од четврток до недела, 16 часот. Сега Градот ќе побара целосно да се отстрани алкохолот од излозите во тој период и да се држи подалеку од видикот.
Освен тоа, Градскиот совет на Амстердам напролет ќе почне и кампања „Остани настрана“ насочена за туристите кои во градот доаѓаат главно поради дрога, алкохол и секс.
Холандскиот главен град е познат по кафулињата за продажба на канабис, кои привлекуваат милиони туристи годишно. Меѓутоа, жителите се жалат на уличните дилери, а злоупотребата на дрога и алкохол ја зголемува и стапката на криминал.
Пиењето алкохол е официјално забрането на повеќето јавни површини во Амстердам. Според сегашните закони, поседување, производство и трговија со дрога е кривично дело во Холандија. Сепак, употребата на полесни дроги за лица постари од 18 години не е кривично дело. Иако е нелегално да се продава и поседува дрога, Холандија има тн. „политика на толеранција“ којашто дозволува кафулињата да продаваат канабис под строги услови, а еден од нив е дека не смеат да се создаваат непријатности во околината.