Потресна исповед на спасувачите кои под снег ги пронајдоа телата на младите планинари од Хрватска

По речиси 24 часа потрага, словенечките спасувачи ги пронајдоа телата на тројцата хрватски планинари кои загинаа кога лавина ги затрупа во Јулиските Алпи во Словенија. За жал, никој од нив не ја преживеал трагедијата.

Првично, во неделата попладне било пронајдено телото на еден од планинарите од Далмација, а вчера и телата на браќата од Каштела. Сите биле млади луѓе и дел од поголема група од осум планинари.

Несреќата се случила под врвот То̀шц, во исклучително тешки временски услови. Четворица од нивните пријатели, кои останале во планинарскиот дом, на тој начин си го спасиле животот.

Словенечката Горска служба за спасување од Бохињ на социјалните мрежи ја опиша драматичната акција, која започнала рано утрото по дојава дека лавина однела тројца планинари.

„Се пробивавме низ снег и снежна бура речиси два часа. Ветерот ни ги заледуваше рацете, видливоста беше речиси никаква, а снегот ни допираше до градите. Кога ја лоциравме првата жртва, одеднаш се слушна крик: ‘Лавина!’ — и моравме да се засолниме колку што можевме“, опишуваат спасувачите.

Поради опасноста, биле принудени да ја прекинат операцијата и телото на првата жртва било пренесено со хеликоптер. Следното утро, потрагата продолжила.

„Хеликоптерот нè однесе до подножјето на јаругата. Таму, благодарение на спасувачките кучиња, успеавме да ги пронајдеме и останатите двајца планинари. За жал, беше предоцна“, соопштија спасувачите.

Тие изразија благодарност до колегите од Горската служба за спасување од Радовљица, Јесенице и водичите на спасувачките кучиња кои помогнале во оваа исклучително тешка акција.

Зачлени се на нашиот е-билтен