Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Потсетување на звукот од виолината на Климе Садило

Во чест на виртуозот на виолина Климе Садило во среда на 21 јуни, Чалгија саунд систем ќе одржи концерт пред платото од Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Концертот е дел од проектот „Заборавениот звук – во спомен на Климе Садило“, во организација на здружението „Арт вивенди“.

Претседателот на здружението Ѓоко Алоски смета дека големиот Садило заслужува почит и се надева дека неговиот спомен ќе го оживуваат секоја година со организирање концерти и настани.

Како охриѓанец, а и како академски музичар кој своето школување го завршил на Музичката Академија во Скопје, Алоски преку овој концерт сака сите да се потсетат на тој призвук кога луѓето се соединувале постојано, а песната била неизбежна.

– Убаво е да се спомене еден човек, кој оставил печат на едно убаво време. Оставил многу отсвирени приказни, кои сè уште сведочат за него. Неговата виолина, понекогаш тагувала, понекогаш го развеселувала народот. Таа никогаш не мирувала. Тој е Климе Садило, виртуоз на виолина. Се радувам што оваа моја иницијатива и замисла ќе биде реализирана и крунисана со концерт на Чалгија саунд систем, рече Алоски.

Покровител на настанот е Министерството за култура, помагател е Општина Охрид. Влезот е бесплатен.

– Поканети се сите добронамерници и вљубеници на ваквата музика. Со особена чест сакам да ги поканам потомците на фамилијата на Садило, како и фамилиите од членовите на неговата тајфа. Сите заедно уште еднаш да аплаудираме на тие подзаборавени звуци и рефрени. Ќе имаме чест да го слушнеме и звукот од виолината на нашата сограѓанка Александра Кузман, нагласи Алоски.

Присутните ќе можат да ја погледнат и изложбата со фотографии од Садило со тајфата, реализирана со поддршка на Оливера Мишева и Заводот и музеј на град Охрид.

Климе Садило е претставник на македонската чалгиска традиција, што како културно добро најинтензивно била негувана во македонските градски средини, претежно во 19 и во 20 век. Роден бил 1881 година, а починал на 21 јуни, 1965 година. Од 19 годишна возраст почнал да свири во тајфата на својот татко, а подоцна ја оформил својата тајфа – Такамот на Садиловци (подоцна познати и како „Охридски трубадури“).

Садило свирел и на ут, но пред сè, бил познат како ќеманеџија (виолината локално нарекувана ќемане) денес се наоѓа и може да се види во Куќата на Робевци. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен