Речиси 340 членови на граничната полиција на Мјанмар дезертираа и побегнаа во соседен Бангладеш за време на судири со бунтовниците.
Министерот за надворешни работи на Бангладеш Хасан Махмуд денеска изјави дека од вчера во земјата влегле 340 припадници на безбедносните сили и оти Бангладеш разговара со властите во Мјанмар што да прави со нив.
Граничната полиција на Бангладеш неделава соопшти дека речиси стотина припадници на граничната полиција на Мјанмар дезертирале и побегнале во земјата поради судирите меѓу безбедносните сили и локалните бунтовници.
Официјални лица рекоа дека полицајците биле разоружани и одведени на безбедно.
Портпаролот на граничните сили на Бангладеш, Шарифул Ислам, тогаш изјави дека мјанмарските војници пребегнале од судирите со „Араканската армија“ во мјанмарската држава Ракин, која граничи со Бангладеш.
Армијата на Аракан е воено крило на етничкото малцинство Ракин, кое бара автономија и е дел од сојузот на бунтовничките војски на етничките малцинства кои тргнаа во офанзива на крајот на октомври, освојувајќи ја територијата во североисточниот дел на Мјанмар која граничи со Кина.
Конфликтот во Мјанмар трае од февруари 2021 година, кога војската ја презеде власта од демократски избраната влада на Аунг Сан Су Чи со државен удар што предизвика големи протести кои беа потиснати со сила од воената хунта.
Бангладеш дели 270-километарска граница со Мјанмар и е дом на околу еден милион муслимански бегалци Рохинџи од Мјанмар со мнозинско будистичко население. Во август 2017 година, армијата на Мјанмар почна воена операција против нив, откако локалните бунтовници ги нападнаа војниците.