Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Повеќе од 350 падобранци скокнаа во Нормандија пред 80-годишнината од Денот Д

 Повеќе од 350 падобранци скокнаа денеска во Нормандија како дел од одбележувањето на 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, за време на Втората светска војна, јави денеска француското радио Европа 1.

Скоковите се случиле во близина на манастирот Мон-Сен Мишел, бидејќи Сен Мишел според католичката традиција се смета за светец-заштитник на падобранците.

Падобранците, меѓу кои имало аматери, а не професионални војници, скокнале од височина од 400 метри. Тие ги носеле тогашните сојузнички униформи и ги користеле старите тркалезни падобрани, а некои носеле знамиња на сојузничките земји.

Други француски медиуми денеска јавија дека на прославата учествувале и американски војници и оти во текот на денот на местото на пристигнувањето на падобранците пеел хор на воздухопловните единици на американската армија.

В четврток на 6 јуни ќе се навршат точно 80 години од почетокот на операцијата позната како Денот Д и една од клучните битки за победата над нацистичка Германија.

Истоварувањето во Нормандија, со кодно име „Операција Оверлод“, беше најголемата поморска инвазија во историјата на војувањето. Сојузничките десантни сили се состоеле од 73.000 американски, повеќе од 60.000 британски и над 20.000 канадски војници, поддржани од француски командоси.

Истоварувањето по должината на 80-километарското крајбрежје почна со ноќен падобрански десант со 23.000 луѓе, голем артилериски напад од воздух и од море, по што на 6 јуни 1944 година следеше успешен амфибиски десант на стратешки важниот мост Пегаз, во близина на Кан, град во северозападна Франција.

Зачлени се на нашиот е-билтен