Повеќе од 50.000 жители го чекаат Борис Трајковски

„Негрижата на ДПМНЕ и Данела Арсовска го оставија во заборав булеварот ‘Борис Трајковски’“ — порача кандидатката на СДСМ за Скопје, Каја Шукова, во видео-објава снимена токму на овој потег.

Нејзиниот аргумент се потпира на секојдневието на жителите од Кисела Вода и Драчево: четири години без завршница на последните околу 2,5 километри, небезбедни раскрсници и тесни грла за повеќе од 50 илјади луѓе што гравитираат кон градот. Шукова вети комплетирање на трасата „не за маркетинг, туку затоа што е базична потреба“ и ја врами својата визијата со модерна сообраќајна инфраструктура, логична поврзаност и јавен превоз кој ги следи стандардите на метропола. =

Контекстот покажува дека оваа приказна трае подолго од еден мандат. Град Скопје во 2021 ја внесе во програмите завршницата на булеварското решение од Пинтија до Драчево, проект опишан како „над 2 километри“ продолжување со четири коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки и современо осветлување. Во октомври 2022, Градот објави дека „продолжува изградбата“ на делницата долга 2.325 метри, со најавен кружен тек кај мостот на Маркова Река. Дел од локалната администрација тогаш уверуваше дека работите се во тек и дека продолжувањето ќе скрати рутини и ќе донесе поголема безбедност. И покрај овие најави, 2025 ја дочекавме без финална завршница на целиот опфат, што сега станува изборна тема во главниот град.

Булеварот „Борис Трајковски“ не е обична улица; тој е артерија што ги спојува југот на Скопје со центарот и индустриските зони. Одлуките за проширување и реконструкција се носат со години — од проектните договори во 2015, кога се работеше на делот од „Стаклара“ до влезот во Пинтија, до последните програмски изменувања. Она што жителите го гледаат денес е делумно модернизирана траса што завршува нагло, без конзистентна безбедносна логика: недовршени странични пристапи, нејасни пешачки премини и гужви во шпиц. Токму затоа политичките ветувања лесно се мерат во пракса: асфалт, ленти, пешачки и велосипедски коридори, сигнализација и, најважно, рокови.

Во ваков амбиент, пораката на Шукова лесно резонира: „булевар кој доликува на Скопје: безбеден, ефикасен и по стандарди“. Но мерката на политичките ветувања е едноставна — почнато и завршено. Овој потег е и тест за капацитет: дали градската администрација, без разлика кој ќе ја води, може да го префрли проектот од соопштенија на терен, од тендерски планови во асфалт и маркици, и да им врати на скопјани нешто повеќе од ветувања — функционална врска помеѓу Кисела Вода, Пинтија и Драчево.

Дотогаш, булеварот останува симбол: на долги процеси, на пропуштени рокови, посебно за граѓаните на Скопје кои живеат во овој реон.

Зачлени се на нашиот е-билтен