По 15 дена протести и повеќе од 500 мртви, режимот во Иран тврди дека ситуацијата е под контрола. Изјавувајќи дека се подготвени да преговараат со САД, кои ги обвинуваат за немирите, властите во Техеран во исто време предупредуваат дека ќе ги запалат сите американски воени бази доколку Вашингтон интервенира во Иран
Според иранските државни меидуми, на контра митинг се десетици илјади луѓе на улиците на Техеран, според иранските државни медиуми. Вака владата покажува дека поддржувачите на режимот се побројни од незадоволните и дека ситуацијата е под контрола.
Пред масовниот митинг – масовни погреби. Државната телевизија ги прикажа и нив – со порака дека се убиени повеќе од сто полицајци.
Бројот на убиени цивили е наведен од организациите за човекови права – најмалку 500. Сепак, режимот во Техеран ги обвинува и демонстрантите за овие смртни случаи и убиства.
„Меѓу демонстрантите беа забележани вооружени елементи кои пукаа не само кон нашите безбедносни сили, кон полицијата, туку, што е поважно, сфативме дека пукаат и кон обични луѓе“, рече иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, додавајќи:
„Важно е што, поради овие коментари на Трамп, елементите кои сакаат да предизвикаат хаос го зголемија бројот на жртви, надевајќи се дека можат да ги привлечат САД да интервенираат“.
Дали да интервенира или не, Белата куќа сè уште размислува.
„Се чини дека има некои луѓе кои беа убиени, а не требаше да бидат убиени. Овие лидери… ако воопшто можете да ги наречете лидери, тие едноставно владеат со насилство. Но, ние го разгледуваме тоа многу сериозно. Војската го проценува тоа и разгледуваме некои многу силни опции. Ќе донесеме одлука“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Засега, Европската Унија, згрозена од жртвите, одлучи силно да го осуди насилството врз демонстрантите.
„Веќе две недели сме сведоци на сè повеќе луѓе од сите сфери на животот како излегуваат на улиците низ целата земја. Тие мирно демонстрираат за слобода и подобар живот во својата земја. И тоа не е само нивно право. Овие луѓе заслужуваат најголема почит за нивната храброст во соочувањето со непропорционалното, брутално насилство на иранските безбедносни сили“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Техеран ги повика амбасадорите на неколку европски земји кои отворено ги поддржаа протестите за да им покажат снимки од насилството на улиците на иранските градови, според иранските медиуми. Поради нападот врз иранската амбасада во Лондон за време на протестот во поддршка на иранските демонстранти, британскиот амбасадор беше специјално повикан за да му биде врачена протестна нота.
И додека тие отворено велат дека се отворени за дијалог со САД, иранските претставници исто така се закануваат.
Така, од самиот почеток на состанокот, претседателот на парламентот му рече на Трамп дека сите американски воени бази во регионот и самиот регион ќе изгорат доколку САД интервенираат.