– Повеќе од 600 британски адвокати, вклучително и тројца пензионирани судии од Врховниот суд на Обединетото Кралство, ја повикаа Владата да ја замрзне продажбата на оружје на Израел.
Во отвореното писмо до британскиот премиер Риши Сунак, тие изјавија дека Обединетото Кралство, доколку продолжи со испораките, може да биде соучесник во „сериозно кршење на меѓународното право“.
„Велика Британија е законски обврзана да го почитува заклучокот на Меѓународниот суд на правдата дека постои суштински ризик од геноцид во Газа“, посочуваат тие во писмото.
Поранешната претседателка на Врховниот суд Бренда Хејл е меѓу потписниците.
Велика Британија е сојузник на Израел, но односите се на тест поради големиот број цивилни жртви во шестмесечната војна.
Повиците за прекин на огнот се интензивираа оваа недела по смртта на седуммина хуманитарни работници во Газа, од кои тројца беа британски државјани.