Повредите биле екстремни и било невозможно да се оперира

Новогодишната ноќ во Скопје заврши со трагедија што повторно ја отвори најопасната „традиција“ на Балканот – пукањето во воздух како прослава. Двегодишно дете од Скопје, повредено од залутан куршум додека со мајката било надвор пред домот и гледало огномет, почина на 2 јануари во 01:58 часот, откако лекар констатирал смрт.

Министерството за здравство соопшти дека повредите биле толку тешки што хируршка интервенција воопшто не била можно да се направи. Детето најпрво било примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата било префрлено на Клиниката за неврохирургија и сместено на интензивна нега, со највисок степен на поддршка и 24-часовен мониторинг. Но, како што наведува Министерството, оштетувањето на мозочното ткиво било исклучително тешко и „неприменливо за оперативен зафат“, поради што исходот, и покрај напорите на лекарите, бил трагичен.

МВР отвори истрага за случајот и по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција, додека се преземаат мерки за расчистување на настанот. Од Министерството за здравство упатија и апел празниците да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на огнено оружје и пиротехнички средства, предупредувајќи дека ваквото „неодговорно однесување“ може да заврши со фатални последици.

Ова не е само црна хроника, туку прашање на јавна безбедност: залутаниот куршум нема „своја“ цел, но секогаш наоѓа жртва. И секој ваков случај е потсетник дека една секунда славење може да остави доживотна траума – или да одземе живот.

Зачлени се на нашиот е-билтен