Засега Северна Македонија не е погодена од хаваријаta на елкетродистрибутивниот систем што денеска зафати еден сериозен дел од регионот, односно во Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Најверојатно е дека нашата земја ќе ја избегне оваа хаварија која без струја остави огромен број граѓани и земји од регионот.
Енергетските експерти со кои контактираше Рацин.мк велат дека системот со нашата земја е стабилен затоа што кога на времето се приватизираше, актуелниот инвеститор вложуваше многу во неговата безбедност.
„За разлика од нас, кои го приватизиравме дистрибутивниот систем, другите оставија да биде државен без многу инвестиции и одржување, и со новите фотоволтаици се прави огромен дизбаланс и доколку не се направи нешто во таа насока, ова што се случи денеска, ќе се случува и во иднина“, изјави за Рацин.мк веродостоен енергетски консултант.
Тоа што е добро или лошо, зависи кој од каде гледа, ни објасни енергетскиот консултант. Сите национални мора да се поврзани во европскиот систем, и кога паѓа Црна Гора влече струја од Хрватска и Босна и Херцеговина, но во тие минути ако овие две земји немаат вишок, тогаш „паѓаат и они“, појаснува нашиот извор.
Со трансформацијата на Електростопанство на Македонија, АД МЕПСО обезбеди сигурен и доверлив пренос на електрична енергија, ефикасно управување со електропреносниот систем кој е интерконективно поврзан со електропреносните системи од Европа за оптимален и одржлив развој на електропреносниот систем со цел да се задоволат потребите од електрична енергија на корисниците со минимални трошоци и секако со задоволување на еколошките барања во државата.
Но, она што е значајно и што помага нашата земја да не се соочува со вакви хаварии е што Грција ја зајакна мрежата кон Северна Македонија и тоа помага да не се случуваат вакви критични ситуации.
Изворот на Рацин.мк потсетува дека ова исто се случи во Македонија во 2006-2007 година летото, исто така, заради високи температури, зголемена потрошувачка, намален капацитет на мрежата од температурите и големото производство од фотоволтаици.
Во врска со ова прашање битно е да се знае дека фотоволтаичните електроцентрали и ветерници не се предвидлив и стабилен извор на енергија, вели нашиот извор. При топло време како денес, тие имаат намалено производство, а исто и преносната мрежа има проблем на вакво време т.е има огромни губитоци, објаснува енрегетскиот консултант.
Загрижувачкиот феномен што се случи денеска со електросистемите за дистрибуција во неколку земји од регионот, предизвика големо внимание.
Медиумите јавија дека без електрична енергија од пладне е Тирана и повеќе градови во Албанија, како Корча, Елбасан, Скадар, Драч, Поградец, Лежа и Кукс.
-Илјадници семејства останаа без струја во топол ден кога температурите достигнаа 41 степени Целзиусови и кога денешниот ден е еден од најтоплите денови. Недостигот на електрична енергија предизвика хаос во сообраќајот поради неработење на семафорите, објавија медиумите.
Официјално соопштение за причината од државните институции нема, но, медиумите наведуваат дека има проблеми со далноводот Албанија-Црна Гора, но и далноводот Албанија-Грција.
На оваа ситуација во Албанија претходеше иста ситуација и во Црна Гора, дел во Хрватска и во дел на Босна и Херцеговина.
Речиси целата област на Црна Гора е без струја, соопшти Црногорскиот електродистрибутивен систем (ЦЕДИС).
Како што се наведува во краткото соопштение на Фејсбук страницата на ЦЕДИС, проблемот е „дефект во мрежата на црногорскиот електропреносен систем’.
Не се знае кога проблемот би можел да се реши.
Речиси во исто време и хрватските медиуми објавија дека речиси цела Далмација е без струја, односно без струја останаа Сплит, Омиш, Макарска, Дубровник и Жупа Дубровачка, Каштел, Солин, Водице, Првиќ, Задар, Стариград Пакленица, бројни острови…
Анте Шушњар, министер за економија во Владата на Хрватска во изјава зе медиумите рече дека ситуацијата е под контрола затоа што се „активирани заштитните механизми. Причината за оваа ситуација ме е позната. Може да е заради високите температури, зголемената потрошувачка… Во Далмација прекинот стаса до Задар, но потоа многу брзо стартуваше интервентното снабдување за сите потрошувачи. Другите земи сѐ уште работат на утврдување на причините и на обезбедување решение“.
Без напојување со електрична енергија денеска остана цела Босна и Херцеговина, што за тамошните медиуми го потврди Елекропренос БиХ.
Засега не е позната и причината за прекинот на електричната енергија во Босна и Херцеговина.