Повторно ќе се пребројуваат гласовите од парламентарните избори на 27 октомври.
Во пресудата објавена во средата, Уставниот суд ѝ наложи на Централната изборна комисија (ЦИК) да ги преброи гласачките ливчиња низ целата земја.
Ова никогаш досега не се случило во Бугарија. Можно е по пребројувањето да дојде до прераспределба на мандатите во актуелниот парламент, пишува Радио Слободна Европа на бугарски јазик.
Веста доаѓа откако беа поднесени пет жалби до Уставниот суд со кои се бараше поништување на гласањето.
Сите партии во 51. Собрание, освен ГЕРБ и „ДПС – Нов почеток“ на Дељан Пеевски, кој беше санкциониран за корупција, изразија сомнеж за правичноста на изборите и побараа нивно поништување. Тоа го направи и „Маџести“ на која не ѝ недостасуваа доволни 21 глас за влез во Народното собрание. Во правичноста на гласањето се сомневаше и претседателот Румен Радев.
Изборите се одржаа во позадина на сигнали за контролирани и купени гласови, главно во корист на крилото на МРФ на Пеевски. Имаше сомнежи дека МВР ги прикрива овие практики наместо да ги истражува, но в.д. министер Атанас Илков тоа го демантираше и рече дека ресорот обезбедил услови за одржување фер избори.
Видео-надзорот на пребројувањето на гласовите, исто така, покажа нерегуларности, вклучително и местење на гласови. Сепак, Централната изборна комисија (ЦИК) рече дека не може да стори ништо.
Уставниот суд ги прифати приговорите на разгледување и во рамките на случајот побара пребројување на гласачките ливчиња на 1.777 избирачки места. Во пресудата од средата се наведува дека во речиси половина од проверените избирачки места „дошло до промена во бројот на вистинските гласови распределени меѓу кандидатските листи“.
За уште 436 избирачки места, судот побара повторна проверка на бројот на неважечки ливчиња. Во над третина од проверените избирачки места, бројот на неважечки ливчиња евидентирани во записниците на комисиите на избирачките места не соодветствува со утврдениот со вештачењето во рамките на предметот.
Уставниот суд го наведе ова како мотив да и наложи на ЦИК да спроведе ново пребројување на гласовите низ целата земја.
Новиот попис мора да ја утврди распределбата на мандатите во парламентот и имињата на пратениците, се наведува во одлуката на Уставниот суд. Тоа значи дека може да има промени во составот на актуелниот парламент.
Целосно поништување на изборите досега немало. Во практиката на Уставниот суд има два преседани во кои тоа е случај само делумно.