Радарот на скопскиот аеродром повторно е ставен во функција, откако бил обезбеден резервен дел и проблемот бил решен за само три дена, информираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој нагласи дека изминатите седум години радарот работел само со еден канал, а од денеска во функција се и двата. Николоски им се заблагодари на стручните служби на МНАВ, како и на партнерите од Бугарија и Италија, кои помогнале при обезбедување на потребното решение.
Иако радарот е стар 27 години, а резервни делови за него не се произведуваат веќе седум години, Николоски најави дека на следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за монтирање на новиот радар кој веќе е набавен, но сè уште не е инсталиран.
– Во следниот период нема простор за никакви безбедносни ризици. Во овие три дена сите летови се одвиваа нормално и ниту една авиокомпанија не откажа полетување или слетување – изјави вицепремиерот.
Според него, со одлуката за монтирање на новиот радар ќе се обезбеди трајно и современо решение за безбедноста на авиосообраќајот во земјава.