Околу 200 луѓе – пожарникари, припадници на Армијата, полицајци, вработени во „Национални шуми“, но и локално население утрово се упатија кон пожарот во Мариовско за да интервенираат на негово гасење.
Ова синоќа во видеоизјава го најави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, откако пожарот кај Мариово ескалираше, зафаќајќи ја линијата на огнот над 20 километри.
На вечерашната седница на општинскиот кризен штаб во Прилеп на која присуствуваше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов била договорена стратегијата за запирање на пожарот која започна да се реализира утринава.
Ирена Стерјоска Локвенец, началник на прилепскиот кризен апелираше прилепчани да не паничат и да знаат дека воздушната поддршка за гаснење на огнената стихија ќе полета од платото на „Могилата“ во Прилеп.
-Со воздушната поддршка се надеваме дека многу ќе помогне да го ставиме под контрола овој пожар. Граѓаните да не се вознемируваат што ќе се полетува од платото од „Могилата“ во Прилеп. Пожарот од градот вечерва се гледаше, стравуваме дека се приближува кон селото Волково. Ориентирани сме да обезбедиме стручни екипи и голема благодарност што во пресрет ни излегуваат градоначалниците и екипите од многу градови, рече Стерјоска Локвенец.