Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пожарот на Галичица од охридска страна е под контрола, загрозени се ендемски растенија и колонии на птици

Фотографија од фејсбук профилот на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков
Фотографија од фејсбук профилот на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков

Пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег, ова се последните информации од екипите кои се на терен, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Пецаков наведува дека во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух.

Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, информира Пецаков, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато.

Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии, пишува градоначалникот на Охрид.

Од Националниот парк Галичица информираат дека ендемско тревесто растение, кое што го има само на Галичица и гнезда на колонии на жолтоклуните галки се во опасност од големите пожари.

Со слична ситуација се соочуваат и во Националниот парк „Маврово“, каде што на Врбенска планина е опожарена нискостеблеста вегетација и елова шума над селото Врбен. Од двете институции информираат дека точните површини кои се уништени ќе се знаат дури откако ќе се изгаснат пожарите, а штетите за биодиверзитетот и природата несомнено е дека ќе бидат многу големи.

Од двата национални паркови се убедени дека пожарите на нивните територии не настануваат намерно, заради обезбедување на економска корист од опожарената дрвна маса, туку од невнимание или од небрежност. Во Галичица сечата на шума не постои веќе неколку години, па ниту ова дрво нема да се искористи за таа намена, додека пак во Маврово секоја година се организира селска сеча за жителите на селата кои се дел од паркот.

„Локалното население секоја година има право да исече дрво за сопствена употреба, а цената на тоа е многу пониска од пазарната. Верувам дека е точно дека најголемиот дел од пожарите се предизвикани од човекот, но мислам дека овие во националниот парк не се со намера туку се од невнимание“, вели Самир Ајдини, директор на НП „Маврово“.

Центарот за управување со кризи соопшти дека до вчера, освен овие во националните паркови, имало вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои 12 биле активни, седум под контрола и 30 изгаснати.

Според податоците од ЈП „Национални Шуми“, во изминатиот месец јули, за 20 дена се случиле рекордни 765 пожари, а во првите 12 дена од овој месец имало 438 пожари, од кои над 50 шумски. Заменик директорот на јавното претпријатие, Кире Михаилов вели дека засега не може да се утврди точната површина која изгоре, бидејќи има случаи на повторно разгорување на веќе изгаснати пожари и зголемување на уништените пространства.

Тој најавува дека Национални Шуми планира да вложи во свои капацитети за преработка на опожарено дрво, за тоа да не завршува кај приватните фирми.

META

Најново