Регионалниот пат Македонски Брод – Скопје и натаму останува затворен поради големиот шумски пожар во Националниот парк „Јасен“, соопштува АМСМ. Во остатокот од државата сообраќајот се одвива по претежно суви коловози, но интензитетот на движење надвор од градовите е зголемен поради летните одмори.
АМСМ информира дека на граничните премини се бележат поголеми колони возила. На ГП „Табановце“ се чека околу 30 минути за влез во државата, а на ГП „Богородица“ околу 20 минути за излез. На останатите премини не се евидентирани подолги задржувања.
Од Сојузот апелираат возачите да ја приспособат брзината и строго да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои ризик од одрони: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување: од 1 јули до 31 август важи летниот режим на сообраќај на државните патишта, со кој за викенди и во денови со екстремно високи температури е забрането движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони.