Пожарот во „Јасен“ сè уште беснее: гаснење само од воздух поради висок ризик

Пожарот во природното подрачје „Јасен“ и утринава (19 август) останува активен. Вчерашниот дожд само привремено ги намали пламените јазици, а огнот повторно се разгорува на повеќе позиции со исклучително непристапен терен и густа иглолисна шума.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека интервенциите ќе се изведуваат исклучиво од воздух поради сериозниот ризик за екипите на земја. „Дејствуваме со два ер трактори на ДЗС. Шумата е со зимзелени дрвја на многу стрмен терен и ризично е да спуштиме луѓе, затоа продолжуваме со гаснење со нашите авиони и полицискиот хеликоптер“, изјави Ангелов.

Тој изрази надеж дека во текот на денот огнената стихија, која е активна повеќе од една недела, ќе биде ставена под контрола. До вчера активни беа и пожари во Општина Липково, каде кај селото Слупчане гори борова шума, како и на Водно, каде беше зафатена сува трева.

Зачлени се на нашиот е-билтен