Познатото Модро Езеро во соседството целосно пресуши

Климатските промени повторно ја покажуваат својата сила – овој пат врз едно од најпознатите природни богатства во регионот. Модро Езеро во Имотски, кое со децении одолеваше на временските услови, деновиве е сосема пресушено.

Вообичаено, кон крајот на ноември, по обилните есенски врнежи, езерото треба да има над 30 метри вода. Но состојбата годинава е драматично поинаква. Според „Слободна Далмација“, уште во саботата на дното имало само мала локва, а веќе на 18 ноември снимките од воздух покажале целосно празно корито – без ниту капка вода.

За дел од посетителите ова е редок природен феномен, но за жителите на Имотски – тажен и вознемирувачки призор. Како што велат, „што ќе ти е езеро без вода?“.

Во август, силните дождови што ја зафатија Имотската краина и делови од БиХ накратко го подигнаа водостојот за повеќе од три метри, што ја продолжи сезоната на капење и внесе оптимизам. Но од тогаш — сериозни врнежи нема, а водата непрекинато се повлекува.

Дното на езерото сега е меко и на места целосно разкалено. Сепак, доколку дуне силна бура и почвата се исуши, можно е да се повтори добро познатата традиција: легендарниот фудбалски натпревар меѓу Вилењаците и Волкодлаците, кој локалците го играат токму на пресушеното дно.

Имочани низ шега велат дека времињата се чудни и дека сè е можно – па можеби дресовите и копачките повторно ќе дојдат на ред побрзо од очекуваното.

Зачлени се на нашиот е-билтен