Пратениците од грчката владејачка партија Нова демократија, во изминатите два дена детално беа информирани од надлежните министри за предлог-законот на Владата за истополовите бракови, додека пак владиниот портпарол Павлос Маринакис изрази оптимизам дека законот ќе биде изгласан, јави дописничката на МИА од Атина.
Легализирањето на истополовите бракови во изминатиот период е една од главните теми во Грција, иако конкретниот закон сè уште не е официјално соопштен, ниту пак донесен на владина седница, а несогласувања имаше од пратеници на владејачката партија.
Вчера и завчера, поделени во две групи пратениците беа детално информирани, а двајца, кои претходно беа против, синоќа изјавија дека веќе го промениле ставот и ќе го поддржат законот.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за грчката телевизија „Скај“ денеска рече дека на состаноците имало многу конструктивен дијалог со аргументи и со правна анализа.
-Верувам дека се одговорени сите прашања што пратениците ги донесоа од нивните изборни региони. Ние сме многу оптимисти за усвојувањето на законот, рече Маринакис и потсети дека пратениците ќе гласаат по нивната совест и нема да се воведе партиска дисциплина.
Меѓу пратениците од Нова демократија, кои се против законот е и поранешниот премиер Андонис Самарас.
Предлог-законот за истополовите бракови, според грчките медиуми, се очекува на крајот од месецов да биде презентиран на владина седница, а потоа да биде доставен и до Парламентот.
Од опозициските партии, се чини дека мнозинството ќе го поддржат, со исклучок на радикално десничарските Грчко решение, Победа и Спартанци.