Празничен куршум, детска жртва: кој ќе одговара за оружјето?

Сè уште не е откриен човекот што на новогодишната ноќ пукал „од забава“, а залутаниот куршум заврши како смртна пресуда за двегодишно дете во скопската општина Гази Баба. Според информациите од истрагата што ги пренесоа институциите, куршумот паднал во дворот на семејството во раните часови на 1 јануари, додека излегле да гледаат огномет, а детето подоцна починало. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека не станува збор за директно нишанење, туку за „празен куршум“, но додаде дека истрагата продолжува и дека ќе се преземат сите чекори за утврдување на сторителот.

Случајот ја оголи најопасната, а најнормализирана празнична навика: славењето со огнострелно оружје како да е пиротехника. Во град што секоја година слуша иста „канонада“ по полноќ, последицата се претвори во факт што не може да се релативизира – куршумите, кога ќе се испукаат во воздух, не исчезнуваат. Се враќаат на земја. И секојпат кога ќе се вратат, некој може да ја плати цената наместо оној што повлекол чкрапец.

Паралелно со оружјето, празниците повторно ја донесоа и другата „традиција“ на ургентните клиники: петарди, изгореници, ампутации. Министерот за здравство Азир Алиу, повикувајќи се на извештаи од лекарите, соопшти дека за новогодишната ноќ било интервенирано кај седум лица – пет деца и двајца возрасни – со посериозни повреди на врвовите на прстите, рани и изгореници на дланките, а кај дел од повредените била извршена и ампутација. Дел од децата завршиле во Ургентен центар и на детска хирургија, а возрасните на пластична хирургија, како потсетник дека „празничната забава“ често завршува во хируршка сала, со долга рехабилитација и трајни последици.

Во истата недела институциите се обидоа да ја насочат дебатата кон системот: превенција, контрола и казни. Тошковски на прес-конференција за кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“ соопшти дека во 2025 година биле запленети над 252.000 парчиња пиротехника и биле поднесени 37 кривични пријави против 37 лица за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Како пример за размерот на нелегалниот пазар, посочи и дека во една од последните акции биле одземени над 35 тони пиротехнички средства, при што бил приведен и полициски службеник, со порака дека „законот важи за сите“.

Тој детал е клучен, затоа што ја руши удобната претстава дека проблемот е само „на улица“. МВР, во официјално соопштение, објави дека на 24 декември 2025 година, на наплатната станица Градско, биле уапсени две лица од Скопје по контрола на товарно возило во кое биле пронајдени пиротехнички средства без документација, а сопатник бил полициски службеник од Полициската станица Бит Пазар. Потоа, со претрес во магацини на правно лице, биле пронајдени и одземени над 25 тони пиротехника. Кога во една истрага се појавува и униформа, јавноста добива уште една причина да не верува во сезонски апели, туку да бара континуирана контрола и одговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен