Зеленски во Белград: се разгледува заедничка фабрика за дронови во Србија

Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белград може да отвори и конкретна соработка во одбранбената индустрија. Германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека зад дипломатските разговори се разгледува можност за заедничко производство на дронови во Србија, потенцијално со финансиска поддршка од Обединетите Арапски Емирати. Засега нема официјална потврда дека е постигнат договор.

Зеленски треба да пристигне во Белград во сабота, 8 август. Германскиот весник оценува дека посетата сама по себе претставува силен политички сигнал, имајќи ги предвид традиционалните врски на Србија со Русија и одбивањето на Белград да се приклучи на западните санкции кон Москва.

Според информациите на весникот, украинскиот претседателски советник Олександр Камишин, задолжен за поврзување на украинската одбранбена индустрија со странски партнери, во изминатите години повеќепати престојувал во Србија. Со својот тим, според информирани извори, разгледувал локации на кои би можело да се организира заедничко производство на беспилотни летала. Во разговорите била споменувана и артилериска муниција.

Украина веќе ја користи оваа стратегија во Европа. Во февруари во Германија започна производство во првото германско-украинско заедничко претпријатие за дронови, а Киев најави отворање повеќе вакви производствени линии со странски партнери.

Српската одбранбена индустрија, пак, и досега индиректно била поврзувана со снабдувањето на Украина. Поранешниот американски амбасадор во Белград Кристофер Хил за германскиот весник изјавил дека уште во 2022 година украинскиот амбасадор му доставил листа со воени потреби, по што американската амбасада проверила дали Србија може да обезбеди дел од бараната муниција.

„САД почнаа да поддржуваат купување значителни количества српска муниција, за која знаевме дека итно ѝ е потребна на Украина“, изјавил Хил.

Муниција произведена во Србија потоа се продавала на западни држави и преку земји како Полска и Чешка завршувала во Украина. „Фајненшл тајмс“ уште во 2024 година процени дека вредноста на српската муниција која преку посредници стигнала до Украина од почетокот на руската инвазија достигнувала околу 800 милиони евра. Александар Вучиќ тогаш рече дека проценката е приближно точна и нагласи дека Србија не продава директно ниту на Украина ниту на Русија.

Хил сега тврди дека американската страна внимавала Србија истовремено да не ја снабдува Русија и дека Вашингтон вложувал ресурси за следење на тие текови. Според него, не било регистрирано значајно снабдување на руската страна со српско оружје.

Белград во јули направи уште еден дипломатски чекор кон Киев кога Вучиќ ја посети Украина и најави дополнителна хуманитарна, медицинска и енергетска помош. Србија сепак не ја потпиша заедничката декларација на Самитот Украина – Југоисточна Европа со која се бараше дополнителен притисок врз Русија.

Доколку разговорите за производство на дронови прераснат во конкретен договор, тоа би било значително продлабочување на одбранбената соработка меѓу Србија и Украина. Засега, меѓутоа, Белград и Киев официјално не потврдиле дека фабрика е договорена.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?