Предлогот за нов гувернер ќе биде доставен до Собранието во наредните денови, велат од Кабинетот на Сиљановска

Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информираат дека по викенд-консултациите со тројцата кандидати – актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, како и поранешните министри Зоран Ставревски и Трајко Славески – одлуката за тоа кој ќе биде предложен за гувернер на Народната банка ќе биде донесена во наредните денови.

Дополнителните консултации, како што наведуваат од Кабинетот за Тв 21, се во функција на носење на најдобра можна одлука за оваа, како што велат, „исклучително важна функција“.

Првично беше најавено дека предлогот ќе биде објавен денеска, но до утрово тоа не се случи.

Мандатот на актуелната гувернерка Ангеловска-Бежоска истекува утре, на 20 мај, но според законските одредби таа може да ја извршува функцијата сè до изборот на нов гувернер или нејзин евентуален реизбор.

Изборот на гувернер се врши во Собранието со најмалку 61 глас „за“.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претседателката Сиљановска-Давкова сè уште нема донесено конечна одлука, но дека предлогот ќе биде доставен до крајот на неделата.

„Јас добив информација од претседателката дека предлогот ќе биде испратен оваа недела. Таа викендов имаше консултации. Во наредните денови ќе се сретнеме и ќе разговараме“, изјави Мицкоски.

На новинарско прашање дали постојат несогласувања меѓу него и претседателката околу изборот, премиерот одговори: „Нема несогласувања. Не разговаравме за еден кандидат, туку за повеќе кандидати.“

Зачлени се на нашиот е-билтен