Предупредување до родителите, вратете ги овие производи веднаш

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати итно предупредување до родителите да не ја користат и веднаш да ја вратат бебешката формула Aptamil AR 2, откако по официјално предупредување од Европската Унија било утврдено присуство на опасниот токсин цереулид во конкретна серија која веќе била пласирана на македонскиот пазар.

Станува збор за APTAMIL AR 2 (ENG 24×400 g), серија 2027.01.02, во количина од 912 пакувања, со потекло од Ирска. Според АХВ, како извор на контаминацијата е посочено маслото ARA.

По вонредната инспекциска контрола кај увозникот, АХВ констатирала дека целата количина веќе е дистрибуирана и производот не бил пронајден во магацините, што значи дека најголемиот ризик е кај семејствата кои веќе го купиле производот и можеби почнале да го користат. Во тек е итно повлекување од продажба, со цел да се спречи понатамошно купување.

АХВ апелира родителите внимателно да ја проверат серијата на пакувањето и доколку се работи за наведената серија, производот воопшто да не се употребува, туку веднаш да се врати на местото каде што е купен. Институцијата најавува дека ја следи состојбата и дека ќе реагира со мерки доколку се појават дополнителни ризици поврзани со бебешки формули на пазарот.

Зачлени се на нашиот е-билтен