Прекинат сообраќајот на Градишка по оштетување на мостот меѓу Хрватска и БиХ

Сообраќајот на граничниот премин Градишка меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина е во прекин откако рано утринава се урна ограда и дел од мостот над Сава, на делницата меѓу премините Стара Градишка и Босанска Градишка.

Според информациите што ги објавија авто-мото службите во БиХ и Хрватска, целиот сообраќај е запрен до понатамошно известување поради оштетување на мостот. Првичните информации од регионалните медиуми наведуваат дека нема повредени лица.

Затворањето на преминот веднаш предизвика пренасочување на возилата и застој на околните правци. Сообраќајот се упатува преку граничниот премин Славонски Брод, а зголемен проток на патнички возила веќе е регистриран на премините Костајница, Козарска Дубица и Градина.

Според достапните снимки од локалните медиуми, се урнал дел од оградата на стариот мост кај Градишка, кој со децении е едно од главните тесни грла во прекуграничниот сообраќај меѓу Хрватска и БиХ. Надлежните институции допрва треба да го утврдат обемот на оштетувањето и условите под кои би можел повторно да се воспостави сообраќајот.

Проблемот дополнително го отвора прашањето за новата инфраструктура кај Градишка. Новиот мост над Сава, долг 430 метри, беше изграден како дел од важен прекуграничен проект за поврзување на БиХ со Хрватска и европската патна мрежа, но преминот сè уште не е целосно ставен во функција.

Најчитано