Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Премиера на „Падот на Масада“ во Драмски театар: Вреди ли да се положи животот за некоја идеја или не?

Драмски театар Скопје вечерва со праизведбата на претставата „Падот на Масада“ ја заокружува програмата за 2023 година. Почетокот на претставата во режија на Дејан Пројковски, според текстот на Венко Андоновски, е во 20 ч.

Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографија и костимографија ја подготви Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајкоски. Улогите ги толкуваат Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.

Вреди ли да се положи животот за некоја идеја или не. Ова вечно прашање е во сржта на претставата „Падот на Масада“.

Андоновски на прес-конференцијата рече дека денес е незамисливо тоа што го сториле Јудејците во Масада (кога меѓу 37 и 31 година п.н.е. кон крајот на првата Еврејско-Римска војна, завршила со масовно самоубиство на 960 луѓе, заб.), да се убијат за да не паднат во рацете на непријателот.

„Денес сме сведоци на суициди кои главно се индивидуални и испровоцирани од лични причини“, вели Андоновски, додавајќи дека низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно на херојското.

„Претставата фактички покажува дека човештвото назадува на секој план, па дури и во сфаќањето на самоубиството. Ова е една претстава која поставува едно вечно прашање, а тоа прашање упростено се сведува дали идеите вредат за да се положи животот за нив или не. На таа тема се пишувани многу дела и претстави и романи, а јас се трудев да покажам преку неколку историски пресеци, неколку случаи на масовно и единечно самоубиство. Дури и кога е единечно, направено е поради големи причини“, открива Андоновски.

Заедничкото е, како што нагласи, пораката дека светот полека еродира, влегува во некоја фаза на хаос во која вредностите веќе не се препознаваат и или она што некогаш било вредност денеска станува противвредност.

Зачлени се на нашиот е-билтен