Новата идеја што премиерот Христијан Мицкоски ја пласираше деновиве е Западен Балкан да настапи заеднички на инвестицискиот пазар со здружени енергетски проекти, под ново брендирана иницијатива што во објавите се појавува како SECI.
Според најавите, целта е регионот да понуди заеднички пакет енергетски капацитети, интерконектори и инфраструктура, како одговор на растечката светска побарувачка за електрична енергија. На хартија, тоа звучи како амбициозен регионален исчекор. Во политичка смисла, меѓутоа, тоа е и ново вртење на премиер кој во последните неколку години менуваше и ставови за регионалните иницијативи и модели за финансирање на истите енергетски проекти.
Тука почнува првата контрадикција. Денес Мицкоски продава регионално обединување како развоен механизам, но кога стануваше збор за „Отворен Балкан“, говореше сосема поинаку.
Во септември 2022 година јавно велеше дека не ја знае суштината на проектот и прашуваше како Србија и Албанија ќе разменуваат стоки и услуги кога не граничат. Во март 2023 повтори дека нема информации за суштината на иницијативата, а во август 2024, веќе како премиер, оцени дека „Отворен Балкан“ има многу недостатоци и дека не е комплетен.
Меѓу тие две критички позиции, пак, во интервју за српска „Политика“ во јануари 2023 тврдеше дека „еден таков процес“ може да помогне државите да излезат од кризите без поголеми последици. Со други зборови, регионалната економска рамка еднаш била нејасна, потоа корисна, па повторно непотполна, за сега повторно да стане клучен инструмент, само под ново име и со нова амбалажа.
Втората, уште повидлива линија на менување е Чебрен. Овој проект, кој со децении е симбол на македонската енергетска недоизграденост, во изминатата година добиваше различни политички пакувања зависно од моментот и соговорникот.
Во април 2025, по посетата на Обединетите Арапски Емирати, премиерот објави дека токму Чебрен и Галиште биле главен приоритет во разговорите за инвестирање во енергетиката со емиратски партнери. Само еден месец подоцна, во мај 2025, од Владата беше соопштено дека проектот се планира да се работи со пари од британски заем и дека се водат преговори токму во таа насока.
Во јуни 2025, пак, следуваше нова формулација дека со Обединетото Кралство се разговара и за изградба на Чебрен и Галиште, односно дека проектот влегува во уште една меѓудржавна рамка.
На почетокот на 2026 година, истиот проект повторно доби ново пакување. Во Давос, Мицкоски јавно лобираше за „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков Мост“ пред мултинационални компании и инвеститори, претставувајќи ги како клучни проекти што допрва ќе бидат објавени и нудени.
Неколку дена подоцна, во домашни настапи, повторно зборуваше за мобилизирање приватен капитал, при што државата би задржала дел од инвестициското портфолио. Тоа значи дека по емиратската траса и британската заемна траса, Чебрен влезе и во трета фаза: проект што треба да се пласира на глобален пазар на капитал преку политички промоции и инвеститорски разговори.
Во меѓувреме, од истиот владин табор стигна и четврта варијанта. На почетокот на февруари 2026 министерката за енергетика рече дека најдобро би било „Чебрен“ и „Галиште“ да бидат домашна инвестиција, но во ист здив призна дека буџетските можности се ограничени и дека ќе се одлучува дали проектот ќе оди како целосно државна инвестиција или преку јавно-приватно партнерство.
Таа формулација практично ја отвори и петтата опција: државен проект ако може, јавно-приватен ако мора, со странски инвеститори ако се појават, со заем ако се договорат, или со регионален пакет ако така подобро звучи на политичкиот пазар.
Токму затоа новата SECI-најава не изгледа како логично надградување на јасна стратегија, туку како уште едно ново пакување на стара неизвесност. Ако се погледне хронологијата, не се менува само изворот на парите, туку и самата приказна за тоа што Чебрен всушност е: еднаш е национален приоритет што треба да се врати „во македонски раце“, потоа е тема за разговор со Емиратите, потоа е проект за британски заем, потоа е презентација за инвеститори во Давос, а сега е дел од регионален пул што треба заеднички да се нуди на светот.
Проблемот не е што Владата бара повеќе можни модели за финансирање. Проблемот е што по толку различни најави јавноста сè уште нема една јасна, затворена и презентирана матрица: кој точно ќе го гради Чебрен, со чии пари, под кои услови, со каков удел на државата и во каков рок.
Во таа смисла, новата балканска инвестициска иницијатива повеќе личи на политички ребрендинг отколку на финализирана енергетска доктрина.
Особено ако се има предвид дека проектот Чебрен и претходно пропаѓаше низ тендери и модели, а и сега, и покрај силната реторика, останува без јавно презентиран конечен финансиски и сопственички формат.
Затоа најточниот опис на оваа политика не е дека Владата е проактивна во енергетиката, туку дека премиерот постојано се движи од една кон друга формула, менувајќи ја политичката амбалажа побрзо отколку што се затвора суштината на проектите.