Археолошки истражувања на македонскиот дел од Преспанското Езеро открија 11 археолошки локалитети, а како најзначаен за понатамошни истражувања се издвојува локалитетот кај село Наколец, каде се пронајдени голем број движни археолошки наоди. Станува збор за прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија, датиран во 14 век.
Истражувањата ги спроведуваат Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамки на проектот ACT4PRESPA, чија цел е идентификација, документација и заштита на археолошкото наследство во и околу Преспанското Езеро.
Ова се првите подводни археолошки истражувања во Преспа, при што се откриени редок органски материјал и нови податоци за животот на средновековните заедници. Во првите две фази, стручниот тим го истражувал крајбрежјето од границата со Грција до границата со Албанија.
„За првпат навлегуваме во археологијата на Преспанското Езеро и откриваме слоеви од минатото кои досега биле целосно непознати“, вели Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите се појавиле на копно, што овозможило сондажни археолошки истражувања кај Наколец. Таму е откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и бројни предмети – керамички, метални и, особено значајно, предмети од органски материјали: дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за единствено зачувани органски наоди од локалитет датиран од крајот на 13 до крајот на 14 век.
„Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород, што овозможува исклучително зачувување на органски материјали. Тоа ни дава редок и директен увид во секојдневието на тогашните заедници“, објаснува Петров.
Првичните анализи покажуваат дека жителите на средновековна Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците укажуваат и дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Наодите кај Наколец се од исклучителна вредност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и имаат потенцијал за развој на културниот туризам“, вели д-р Мери Стојанова, координаторка на проектот ACT4PRESPA од Завод и музеј – Битола.
Проектот ACT4PRESPA, кој официјално започна на 30 јуни 2025 година, во следните три години треба да покаже дали Преспа може да добие вистинска поддршка, а не само уште еден проект на хартија. Со вкупен буџет од 443.400 евра и планирана имплементација од 36 месеци, проектот ги обединува институциите и организациите од трите држави што го делат Преспанското Езеро.
Водечки партнер е Завод и музеј – Битола, а во проектот учествуваат и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“ од Општина Ресен, Универзитетот „Аристотел“ од Солун, Националниот музеј на средновековна уметност од Корча, како и грчката организација IDEA FOR CULTURE.
Целта на ACT4PRESPA е преку културното и природното наследство да се отвори нова перспектива за регионот, кој со години се соочува со сериозни предизвици. Преспа не се празни само од луѓе, туку и од вода, а секоја нова иницијатива се дочекува со надеж, но и со оправдан скептицизам. Затоа, прашањето што останува отворено е дали овој проект ќе успее да излезе од рамките на административните извештаи и да донесе реални промени – за заштита на наследството, за развој на одржлив туризам и, најважно, за живот што ќе остане во Преспа.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски анализи во Центарот за археологија во Лајбниц, Германија, процес кој ќе трае најмалку една година.