Пресвртница за обновливите извори: Сончевата енергија сега достапна и ноќе

Новата анализа покажува дека електричната енергија од сончевите електрани сега може да се користи навечер, со вкупни трошоци кои се конкурентни со традиционалните извори на енергија.

Електричната енергија произведена од сончевите електрани во текот на денот сега може, благодарение на системите за складирање, да се користи во вечерните и ноќните часови по цена од околу 76 долари за мегават-час, според новата анализа на истражувачкиот центар Ембер.

Проценката на трошоците за складирање на енергија се базира на резултатите од неодамнешните аукции во Италија, Саудиска Арабија и Индија, како и на консултации со експерти за енергија.

Според тие податоци, на глобалните пазари надвор од Кина и САД, вкупните инвестициски трошоци за изградба на големи системи за складирање на енергија од батерии (BESS) со времетраење од четири часа или повеќе е приближно 125 долари за киловат-час.

Вклучени во оваа цена се околу 75 долари за kWh за самата опрема за батерии, произведена во Кина, додека преостанатите 50 долари се поврзани со трошоци за инсталација, поврзување и поддршка на инфраструктурата.

Авторите на анализата наведуваат дека нивелираниот трошок за складирање на енергија (LCOS) се проценува на околу 65 долари по мегават-час. Овој индикатор ги претставува трошоците за складирање на еден мегават-час енергија во одреден период, на пример кога дневното производство на сончева енергија се складира за ноќна потрошувачка, каде што трошоците за електрична енергија за полнење на батериите не се вклучени во пресметката.

Ниските трошоци за складирање не се резултат само на опаѓањето на цените на батериите, туку и на нивниот подолг работен век, поголема ефикасност и поповолни услови за финансирање, што се овозможени со појасни модели на приходи, како што се аукциите.

Со LCOS од 65 долари/MWh, складирањето на половина од дневното производство на сончева енергија за подоцнежна потрошувачка ги зголемува вкупните трошоци за енергија за околу 33 долари по мегават-час.

Како основа, авторите ја користеле просечната глобална цена на сончевата електрична енергија во 2024 година од 43 долари/MWh, според податоците од Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA).

Кога оваа евтина дневна енергија ќе се прилагоди така што ќе може да се испорача во други периоди од денот и подобро да ги следи реалните модели на потрошувачка, вкупната цена изнесува гореспоменатите 76 долари/MWh. Истражувачите нагласуваат дека ова не претставува целосна базна енергија, бидејќи континуираното снабдување во текот на сите часови од годината, вклучително и периодите на послабо сончево зрачење, би барало дополнителен соларен капацитет и поголеми системи за складирање.

Сепак, можноста за префрлање на половина од дневното производство на сончева енергија во вечерните и ноќните часови е голем чекор напред, бидејќи ѝ овозможува на сончевата енергија да покрие многу поголем дел од вкупната побарувачка, особено по зајдисонце.

Костанца Рангелова, глобален аналитичар за електрична енергија во Центарот Ембер, истакна дека падот на цените на опремата за батерии за околу 40 проценти во текот на 2024 година е само почеток и дека се очекува дополнително поевтинување во следниот период.

„Економијата на батериите драматично се промени, а индустријата штотуку почнува да го разбира обемот на тие промени. Сончевата енергија повеќе не е само евтин извор на електрична енергија во текот на денот, сега може да се користи во секое време. Таа претставува пресвртница за земјите со брза стапка на раст на побарувачката и изобилство на сончеви ресурси“, рече Рангелова.

Според проекциите на Меѓународната агенција за енергија (IEA), дури 80 проценти од растот на глобалната побарувачка за енергија во следната деценија ќе дојде од региони со високо ниво на сончево зрачење. За тие земји, комбинацијата од сончева енергија и складирање на батерии е најисплатливиот начин за задоволување на растечките енергетски потреби, зајакнување на енергетската безбедност и намалување на зависноста од увоз на фосилни горива.

Анализата заклучува дека електричната енергија достапна по цена од 76 USD/MWh е поконкурентна и побрза од изградбата на нови електрани на гас, особено во земјите кои зависат од скап увоз на течен природен гас (LNG).

Дополнително, инвестициите во системи на батерии можат да го поттикнат развојот на домашната индустрија за чиста технологија. Дури и кога основната опрема за батерии се увезува, околу 40 проценти од вкупната вредност на проектот останува на локалниот пазар преку инженерски услуги, градежни работи, поврзување со електричната мрежа и други активности поврзани со проектирање и изградба.

Зачлени се на нашиот е-билтен