Во Париз се спроведени низа претреси во рамки на истрага што француските финансиски обвинители ја поврзуваат со новите откритија од досиејата за Џефри Епстин, а меѓу објектите што биле опфатени е и парискиот огранок на швајцарската приватна банка „Едмон де Ротшилд“. Акцијата била изведена минатиот петок како дел од прелиминарна истрага отворена во февруари.
Според соопштението на француското национално финансиско обвинителство, истражителите проверуваат сомнежи за поткуп на странски јавен службеник и соучесништво, а случајот е поврзан со поранешниот француски дипломат Фабрис Ејдан. Истрагата била отворена по објавувањето на откритија во досиејата за Епстин и по дополнително медиумско известување во Франција. Случајот, како што се посочува, го води централната француска канцеларија за борба против корупција и даночни и финансиски прекршоци.
Фабрис Ејдан, според медиумски извори, дошол во фокусот во Франција откако на 30 јануари биле објавени милиони документи од американското Министерство за правда во рамки на „досието Епстин“. Францускиот истражувачки портал „Медијапарт“, објавил дека документите сугерираат оти Ејдан му доставувал доверливи материјали на Обединетите нации на Епстин. Неговото име, се наведува, се појавувало во повеќе од 200 документи, вклучително и електронски пораки испратени меѓу 2010 и 2016 година, и од лични и од адреси на ОН.
Ејдан ги негирал наводите за незаконско постапување, а неговиот адвокат повикал да се почитува презумпцијата на невиност. Во дел од изворите се потсетува и дека досиејата веќе предизвикале потреси и кај други истакнати личности во Франција, меѓу нив и поранешниот министер за култура Жак Ланг, кој во февруари поднесе оставка од челната функција во Институтот за арапски свет откако обвинителите отворија прелиминарна истрага за даночна измама.