Рацин.мк го контактираше претседателот на Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, пратеникот Скендер Реџепи во предлогот на СДСМ за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.
Реџепи, кој напомена дека во моментот е во странство, но дека што се однесува до прашањето за седница на комисијата рече: Прво треба да го видиме и анализираме предлогот, да потоа да постапуваме согласно овластувањата по деловникот за работа.
Како што е познато, иницијативата на СДСМ за свикување на седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, беше соопштена денеска од страна на пратеничката на оваа партија Славјанка Петровска.
На прес-конференција во законодавниот дом таа соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.
Според Петровска, именувањето на директор на АНБ е под сомнителни околности и сомнителен серификат за познавање на англиски јазик. Со именувањето на Христовски за директор на Агенцијата, таа вели се руши угледот во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница.
– Именувањето на директор на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионалци кои ја градеа оваа држава и оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кикбокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат. Агенцијата за национална безбедност не е истата онаа од времето на Горан Грујовски и Сашо Мијалков. Денес оваа Агенција има углед во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница и е вклучена во активности и проекти од стратешки интерес за државата, но и НАТО приоритетите. Но очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ дава се од себе овој углед да го уништи и да го врати како во времето на фамилијата, рече Петровска.
Петровска вели директорот на АНБ треба да даде одговори на прашања поврзани со тоа каде тој престојувал на денот на полагањето за сертификатот по англиски јазик, како и што знае за последните помилувања од страна на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.