Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска го усвои законот со кој се предвидува буџетот за финансирање на одбраната следната година да изнесува 886 милијарди долари.
Тоа е за 28 милијарди повеќе од годинава, пренесува Cи-Ен-Ен. За усвојување на законот гласаа 310 конгресмени, а против беа 118. Со Законот е дозволено зголемување на платите за 5,2 отсто на вработените во војската, што е најголемо зголемување во последните две децении.
Буџетот денеска беше усвоен во Претставничкиот дом, по вчерашното усвојување во Горниот дом на Конгресот, Сенатот. Буџетот предвидува зајакнување на позицијата на САД во Азија и Пацификот како противтежа на влијанието на Кина.
Документот, исто така, ја проширува програмата за воена помош на Украина, со која се одобрува постепено ослободување од 300 милиони долари за официјален Киев, но таа сума е далеку од 61 милијарда долари побарани од Конгресот од американскиот и украинскиот претседател, со очекување тоа да биде одобрено до крајот на оваа година. Тој голем пакет помош за Украина и натаму е предмет на дебата.
Големиот нацрт-закон за воен буџет усвоен денеска, исто така, ја продолжува за неколку месеци правната рамка за меѓународен електронски надзор, кои го критикуваат организациите за заштита на приватниот живот и слободата.
Програмата им овозможува на американските безбедносни служби да спроведуваат програми за електронски надзор, вклучително и испитување на е-поштата на неамерикански државјани во странство, без систематско барање на судско одобрение.
Буџетот е отпечатен на повеќе од 3.000 страници и треба да го ратификува претседателот Џо Бајден, што се смета за формалност. р