– Претставничкиот дом на САД денеска се очекува да гласа за официјализирање на истрагата за импичмент на американскиот претседател Џо Бајден.
Републиканците во Домот тврдат дека Бајден и неговото семејство незаконски профитирале од одлуките донесени од него додека бил потпретседател на Соединетите Американски Држави од 2009 до 2017 година.
Тие се фокусираа и на работите на Хантер Бајден, а не е јасно дали тој ќе се појави на сведочењето.
Белата куќа ги негираше обвинувањата и ја отфрли истрагата како политички мотивирана пред претседателските избори во 2024 година, на кои поранешниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп е водечки кандидат покрај Бајден.
Републиканците во Претставничкиот дом планираат да гласаат денеска пред да влезат во тринеделен одмор во четврток, иако другите законодавни прашања остануваат нерешени, вклучително и нацрт-законот за безбедност на границите и дополнителна помош за Украина и Израел.
На 8 ноември, Комисијата за надзор на Претставничкиот дом издаде покана за Хантер Бајден (53) да сведочи зад затворени врати.
Хантер се понуди јавно да сведочи, а неговиот адвокат во писмо оцени дека републиканците користат седници зад затворени врати за, како што наведе, „да манипулираат, искривуваат факти и да ја дезинформираат јавноста“.
Републиканците ја отфрлија понудата, велејќи дека Хантер Бајден мора прво да се појави на разговор зад затворени врати пред какво било јавно сведочење.