Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Претставници од македонските музички натпревари на Конференција и Генерално собрание на EMCY во Вилнус – Литванија

Од 20 до 22 септември во Вилнус – Литванија се одржа Конференцијата и Генералното собрание на Европската унија на музички натпревари за млади (EMCY). Оваа асоцијација е основана во Брисел, 1970 година, со цел да создаде, координира и промовира систем на музички натпревари за млади уметници од цела Европа. Моментално EMCY обединува повеќе од 50 државни и меѓународни натпревари од триесет европски земји, а активни членови од Република Северна Македонија се Државниот натпревар за музика и Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.

На годинешново Генерално собрание на EMCY во Вилнус, имаше претставници од државни и меѓународни натпревари од Литванија, Норвешка, Германија, Швајцарија, Италија, Украина, Луксембург, Словачка, Чешка, Австрија, Северна Македонија и Данска. Претставници од македонските натпревари беа г-дин Ѓорге Улишев и г-дин Борис Светиев. Проектот беше поддржан од програмата Креативна Европа, во соработка со Центарот за меѓународни културни проекти (Tarptautinių kultūros projektų centras) од Литванија и Европската унија на музички натпревари за млади (EMCY).

Особена чест и достигнување во однос на членството во оваа престижна европска асоцијација од областа на класичната музика и музичкото образование е повеќегодишното учество на г-дин Борис Светиев како член на Управниот одбор на EMCY. На Конференцијата во Вилнус тој се претстави со свои излагања на релевантни теми за развојниот пат на асоцијацијата, а на состаноците беше потврдена неговата позиција како потпретседател на Бордот на EMCY, задолжен за активностите на државните натпревари. Учеството на македонските претставници во највисоките раководни органи на EMCY ја јакне позицијата на нашите два највисоко рангирани музички натпревари – Државниот натпревар за музика и Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во сферата на уметноста во европски рамки. Претседателот на EMCY, г-дин Јустас Дварионас – пијанист и уметнички раководител на музички натпревари од Литванија, во 2022 година беше член на стручното жири на натпреварот „Охридски бисери“ во Охрид. Други членови на Управниот одбор на EMCY се  потпретседателката за меѓународни натпревари г-ѓа Вероника Лемишенко од Украина и  Сив Кристин Клиппен од Норвешка и Патрик Ерхисман од Швајцарија. Како мрежа во Европа, EMCY ги претставува музичките натпревари низ целиот свет одржува контакт меѓу членовите, овозможувајќи им да споделуваат образовни и уметнички искуства. Применувајќи строги стандарди за квалитет, организацијата го осигурува интегритетот на натпреварите и има за цел да помогне во развојот на нови натпревари и да ја зголеми нивната видливост. Илјадници млади музичари учествуваат на натпреварите на EMCY секоја година, а проектите кои ги реализираат се посетувани од публика низ целиот континент. Бенефит од концертните и едукативните активности на EMCY имаат и бројни успешни учесници на Државниот натпревар за музика и Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“. Овие натпревари поставени врз строгите принципи на EMCY претставуваат почеток за многу успешни уметнички кариери на младите музичари од Европа и од целиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен