Ниту МВР, ниту техничкиот министер Тошковски, не излегоа со конкретни и веродостојни информации кои ќе ги расветлат причините за апсењето на новинарот Фуркан Салиу и употребата на сила од страна на припадници на специјалната полиција.
Нивната приказна е полна со дупки како „швајцарско сирење“, особено откако Фуркан Салиу по излегувањето од полициската станица изјави дека не ги нападнал полициските службеници и дека тоа со ништо не може да се докаже.
Откако на социјалните мрежи и порталите се појави снимка од апсењето на новинарот Фуркан Салиу, со употреба на сила од страна на припадници на специјалната полиција, МВР на 07.04.2024 излезе со штуро соопштение со наслов „Приведени лица за напад на полициски службеници“. Во соопштението на МВР, јавноста се доведува во заблуда дека фудбалскиот натпревар помеѓу ФК “БВК Коњаре” и ФК “Куманово” бил прекинат, откако „дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи“; „Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат“. Но, спортските новинари известија дека фудбалскиот натпревар набрзо продолжил и завршил со победа на ФК Куманово, факт што воопшто не се спомнува во соопштението на МВР.
Во соопштението на МВР нема никакви детали КОЛКУ припадници на Единицата за брзо распоредување биле наводно нападнати, ниту пак детали кои укажуваат на кој начин тие биле нападнати – дали вербално, или пак физички. Во соопштението на МВР нема никакви информации за тоа какви последици врз припадниците на Единицата за брзо распоредување имал наводниот „напад“, ниту пак други околности за нападот, како што има во други соопштенија на МВР кога имало напади врз полициски службеници.
На пример, во 2020 година, кога 10 лица извршиле напад врз полициски службеници, во соопштението на МВР беше наведено дека „со тврди предмети ги искршиле стаклата од полициското службено возило“, но и други факти за природата на нападот како и за лицата кои биле нападнати, со наведување на нивните иницијали и видот на повреди: „Првопријавениот со тврд предмет го нападнал полицискиот службеник Д.Ц., а потоа останатите пријавени ги нападнале неговите колеги, по што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели во воздух и пријавените се повлекле. Повредениот Д.Ц. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди, а четири полициски службеници се со телесни повреди“.
Во соопштението на МВР за наводниот напад од страна на две лица врз полициски службеници нема никакви детални информации кои го опишуваат нападот и последиците од нападот врз полициските службеници, дали имало некакви повреди и какви. Нема никакви информации ни за кое конкретно кривично дело лицата биле приведени.
Исто така, во соопштението на МВР за наводниот напад, се наведува информација дека при преглед на патничко возило „во багажникот е пронајден пиштол“, без да се појасни за каков вид прекршок или кривично дело станува збор, односно, дали пронајдениот пиштол бил со дозвола за употреба или нелегално оружје.
Таквото појаснување се покажа како неопходно затоа што портали блиски до опозицијата сензационалистички и со врамување го објавија пронајдениот пиштол, иако Фуркан Салиу соопшти дека за оружјето имал дозвола, дека бил расклопен согласно законските одредби кои го уредуваат начинот на кој се чува оружје со дозвола. Посебно што сопственикот на пиштолот, Фуркан Салиу, не го носел оружјето со себе кога бил приведен.
Ваквиот непрофесионален начин на известување на МВР, без никакви конкретни детали за „нападот“, без опис на нападот и напаѓачите, без наведување на последиците од нападот (повредите), без наведување на кривичните дела за кои биле лишени од слобода наводните напаѓачи, фрла сериозен сомнеж врз приказната на МВР, односно, дали воопшто се случил напад врз припадници на специјалната полиција.
Дури и Тошковски, прејудицираше дека се случил напад на полициски службеници, пред да биде завршена истрагата, и пред да бидат наведени било какви околности и детали за наводниот напад. МВР не соопшти никакви информации ни дали лицата лишени од слобода за „напад на полициски службеници“ се изведени пред истражен судија, ниту пак дали обвинителството покренало некаква постапка против нив.
Токму затоа, првичната приказна на МВР, како и Фејсбук статусот на техничкиот министер Панче Тошковски, се полни со дупки како „швајцарско сирење“.
Р. Р.