Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска продолжува да го освојува светот. Филмот доби две високи номинации на престижните Cinema Eye Honors – еден од најреномираните меѓународни стандарди за врвност во документарната продукција, што дополнително го зацврстува неговиот оскаров потенцијал.
„Приказната за Силјан“ е номинирана за Audience Choice Prize, категорија која често се смета за силен индикатор за идниот успех на документарните филмови во глобалната наградна сезона. Од Cinema Eye Honors истакнуваат дека токму ова признание „често е претходник на најзначајните документарни награди, вклучително и на Оскарот за најдобар документарен филм“.
Втората номинација, Outstanding Achievement in Cinematography, е посветена на кинематограферот Jean Dakar, чија визуелна прецизност и суптилна, но моќна естетика претставуваат еден од највпечатливите слоеви на филмот. Неговата камера го претвора интимниот документарен материјал во визуелно длабоко доживување.
Со овие признанија, „Приказната за Силјан“ го зацврстува својот статус како едно од највлијателните документарни остварувања на годината и сериозен кандидат во претстојните големи наградни трки.
„Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех, можеме да направиме чудо“, изјави режисерката Тамара Котевска, која веќе еднаш беше глобално призната со „Медена земја“.
Филмот наскоро влегува и на американската филмска сцена. National Geographic ја најави американската премиера на „Приказната за Силјан“, закажана за 28 и 29 ноември во IFC Center во Њујорк – значаен момент што може дополнително да ја зајакне лентата во оскарската трка.
„Приказната за Силјан“ веќе се позиционира како едно од најсилните документарни остварувања на годината, а двојната номинација од Cinema Eye Honors е уште еден чекор кон врвот.Attach

