„Приказната за Силјан“ со ново големо признание: Номинација за PGA Awards и исчекување на награда од публиката

„Приказната за Силјан“

Документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој е откупен за глобална дистрибуција од National Geographic Documentary Films, продолжува да го зацврстува своето место на светската документарна сцена. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска, заедно со директорот на фотографија и продуцент Жан Дакар (Jean Dakar), доби уште едно исклучително значајно признание – номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures.

Оваа номинација претставува силна потврда за авторската издржливост, креативната храброст и пожртвуваноста со која Котевска и Дакар го создаваа филмот, носејќи ја неговата тежина во секоја фаза од процесот. „Приказната за Силјан“ е пример за целосно авторски филм (total filmmaking) – дело во кое режијата, продукцијата, визуелниот јазик и физичката посветеност се споени во еден силен, препознатлив авторски потпис.

PGA Awards се вбројуваат меѓу најрелевантните и највлијателни признанија во филмската индустрија и често се сметаат за еден од најсилните индикатори во трката за Оскар, со оглед на тоа што нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во финалните оскаровски избори.

Паралелно со ова признание, филмот ја има и поддршката од публиката. На 15-ти, на полноќ, заврши гласањето за Audience Choice Awards, а резултатите допрва се очекуваат. Со нетрпение се чека исходот, додека филмската и пошироката јавност со гордост навива за уште едно меѓународно признание за „Приказната за Силјан“.

Со секоја нова номинација и секоја нова публика што ја освојува, овој филм потврдува дека автентичните приказни, раскажани со искреност и длабока човечка чувствителност, имаат моќ да го допрат светот – без разлика од каде доаѓаат.

Зачлени се на нашиот е-билтен